Земјоделието во клештите на политичката пропаганда
Ситуацијата е лоша – и во сточарството, и кај тутунарите, и кај жетварите кои се приморани да ја продаваат пченицата за бадијала, и кај лозарите. Многу политички пораки, а малку вистински мерки. Затоа бројот на земјоделци забрзано се намалува
Погрдно звучи зборот пропаганда во ушите на обичниот граѓанин, а уште подолно и мизерно кога тој ќе се искомбинира со реалната пропаганда која им се сервира на земјоделците. Категорија на граѓани кои со пот и мака произведуваат храна за сите нас, земјоделски производи кои ѝ носат девизен прилив на државата.
Токму во овие предизборни месеци, пред локалните избори, партиските пропагандни машинерии (информативни служби, сектори за комуникации.. .или како и да се нарекуваат) лево, десно, центристички ориентирани, забревтано работат да го „сомелат“ и земјоделецот во пропагандниот барабан. Битката е голема оти регистрирани земјоделци во државата има околу 65.000, плус нивните семејства надминуваат над 120 илјади потенцијални гласачи. Бројка што не е за потценување. Но и овие бројки зборуваат многу, ако се земе фактот дека земјоделието е во слободен пад, оти бројката на регистрирани земјоделци само пред десетина година изнесуваше 90.000. Бројките не се извадени од ракав, туку од официјална изјава на министерот Цветан Трипуновски ланската година.
Пропагандната машинерија добро осмислена, прво се зафати за тутунарите, ги има над 22.000 производители, и реално е „добар лов“ на потенцијални гласачи. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп (Петар Ристески, Билјана Кузманоска и Дејан Проданоски), се сликаа со министерот Трипуновски и најавија она што навидум обичниот тутунар сакаше да го чуе.
„Договоривме едно такво ветување за првата наредна седница на Собранието на Македонија, а тоа е измени и дополнување на Законот за тутун. Ќе го ставиме во закон нивното барање да не може да се увезува ситнолисен, ориентален тутун додека не се откупи и последниот лист тутун од домашното производство“, објави Ристески на Фејсбук.
Како да е тоа лакрдија, пратениците заборавија дека „подобри услови за тутунопроизводителите, сигурен откуп, фер цени и јасни правила“ не се кажуваат на Фејсбук, за собирање лајкови.
Меѓутоа, земјоделци кои професионално се во тутунопроизводството експресно возвратија на партиската машинерија – тутунарите повторно ќе бидат излажани – пренесени жедни преку вода!
„А бре пратеници, за тоа ли ве гласавме?“, реагираа производители.
Тутунарите се децидни дека треба да има целосна забрана на увоз на ситнолистен, необработен тутун, а не владејачката партија под притисок на откупувачите да прави временска забрана во период на откуп на тутун, од 15 декември до крајот на откупот 1 март, со како што велат „циркузантска дефиниција“ – „Забраната е се додека не се откупи и последниот лист тутун од домашното производство”.
Тоа во суштина не е никаква забрана, туку само мачкање на очите на тутунарите демек – „забрануваме увоз“, незадоволството што тутунарите не го кријат.
Ако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се сериозни, тогаш треба од сериозен терен, а не од Фејсбук, да им одговорат на тутунарите: За какви измени на Законот за тутун станува збор? Колку изнесува законски субвенцијата за тутун во прва, втора и трета класа? Дали тие како пратеници имаат објаснување зошто целиот тутун се откупува во прва класа, и дали не се крши Законот кога веќе има правилник за проценка на квалитетот на тутунот, а целиот оди во прва класа, за што се верификуваат и мостри пред секоја откупна реколта?
И, најважното прашање за пратениците: Дали со откуп на целиот тутун во прва класа од страна на комбинатите, ја задолжуваат државата да врши исплата на субвенции само во прва, највисока класа, и за висококвалитетниот тутун и за „ѓубрето“, со што ја креваат крајната цена на килограм тутун на штета на буџетот на државата кој го полнат сите даночни обврзници? Дали ваквиот популистички откуп не се коси со закон, под нивна палка?
Сликата со тутунопроизводството е само едно камче во мозаикот македонско земјоделие, кој никако да се состави дел по дел. Производството на жито и житни култури, сточарството и лозарството е во крајно незавидна ситуација со огромен број на проблеми кои се резултат на повеќегодишни системски слабости, лоши политики, нестручен кадар на важни и одговорни функции. Плус на сето ова реалноста со климатските промени со сѐ поголемо штетно влијание, како и застарената технологија, недостаток на модернизација и иновативни технологии и земјоделски практики.
Кога сме кај житото, и оваа година жетварите се оставени на милост и немилост на откупувачите. Над 25.000 земјоделци кои произведуваат пченица на 70.000 хектари се директно засегнати. Договорената цена од 12 денари за кило жито, со амин на МЗШВ, не се почитува, и ајде „пошто-зашто“ пченицата од нива се откупува за 11 или 10 денари за килограм. Овие цени се мизерни, никако не ги покриваат трошоците за производство и апелите на земјоделците килограм пченицата да не е под 15 денари за килограм никој не сака да ги чуе.
На житото се налепи и СДСМ и реши да ќари поен плус кај гласачите. Трајан Димковски, екс-министер за земјоделие и за цело време на високи функции во МЗШВ, обзнани дека „македонското земјоделството тоне секој ден“, само не кажа дали почна и од денот кога тој беше на чело на секторот земјоделство. Димковски кажа дека во време на владите на СДСМ, пченицата се продавала и по 17 денари за килограм и тоа како што тврди „не така одамна“.
„За да им помогне, СДСМ заедно со земјоделците поднесе и амандман за поддршка од 5 денари по килограм за предадена пченица. Но, власта немаше слух“, рече Димковски и не кажа како на ова не се сетил пред СДСМ да ја изгуби власта.
Земјоделците не можат да се стрпат, па на пропагандите на политичарите возвраќаат со пцуење и на социјалните мрежи плукаат по сѐ „живо и диво“. Меѓутоа експресно стасаа смирувачки тонови од некои земјоделски асоцијации, во стилот – не се секирајте жетвари, во Србија и Грција е бетер. Па следеа советите од типот – да ја складираат пченицата и да не се грижат оти трошоците за складирањето ќе им ги надомести државата. Па и тоа дека и за лани МЗШВ што им должи за складирањето, ќе им го исплати.
Прашањето е: Каде да ја складираат пченицата, во дворот, по дома… ја дадоа од нива. До петокот беа ожнеани и откупени 40 милиони килограми пченица. Што не им кажаа порано дека ќе се плати складирањето! Зошто на откупувачи им се прогледува низ прсти „уцената“, ако сакате по таа цена арно, ако не, нема да откупуваме ќе си увеземе од Грција. Ама тоа било пазарна економија.
Прашањето е што правиме со грозјето, тоа не може да се складира! Најавите на министерот Цветан Трипуновски дека се постигнати рекордни откупни цени за „вранецот“ 21,3 денари/кг и „смедеревка“ 18,9 денари/кг, издишија како меури од сапуница. Разликата во „рекордните“ цени од лани до годинава се мери во дени, не во евра (лани 20,8 денари за „вранец“ и „смедеревка“ 18,3 денари за кг.).
И тука рипнаа земјоделците и побараа министерот да ја соопшти производната цена на грозјето, како и методологијата и институцијата која ги изготви цените. Според Законот за вино тоа е законска обврска и никој па ни Министерството за земјоделие не сме да не ги почитува овие законски обврски. Насловите за „рекордните“ цени на грозјето беа брзо-брзо покриени со насловите – „На лозарите им се случува грабеж и манипулација“.
Земјоделците со јасен став укажаа дека грозјето во нашата држава не е стратешки производ и дека државата мора да најде начин за слободен проток на луѓе и стоки според ЦЕФТА договорот и во никој случај не смее да поставува ограничување во пласманот на винското грозје во соседните држави каде цените минатата година се движеа од 1 до 2 евра по килограм винско грозје. Кај нас е едно евро за три кила грозје.
„Не може и не смее повеќе да се толерира монополскиот и картелскиот однос на одредени винарници, кои за волја на вистината продаваат премиум вина и освојуваат врвни светски признанија, на штета на чесниот и макотрпен труд на лозарите“, е пораката од земјоделците која за жал не доби повратен одговор од министерот и винарниците.
Реалноста е дека лозарството, особено производството на винско грозје, преставува стратешки производ во Тиквешијата каде со низа проблеми сѐ уште се одржува стабилно производство. Винарниците често поставуваат високи критериуми за квалитетот и висината на шеќерните единици со што ја рушат цената на најниско можно ниво. Лозарите се соочуваат со доцнење на почетокот на откупот, нередовна и задоцнета исплата на предаденото грозје. Од друга страна, никој не ги пресметува трошоците ѓубривата, пестицидите и високата цена на дизелот. Сепак лозарите најмногу ги боли што се приморани родот да го предаваат на домашните винарници. Секторот се соочува со слаба и недоволна модернизација на производството, не се базира на нови и иновативни технологии и практики и ретко се бара агрономска поддршка и совети.
Сточарството во Македонија е посебна приказна. Сѐ помалку говеда и овца. Стока во град не се чува, а селата се празнат. Како тргнала работата ни бачило ни штала ќе остане за работа. Младите одбегнуваат да се занимаваат со сточарство, па секторот се соочува со недостаток на работна сила. Недоволната поддршка од државата, неисплатените субвенции со месеци, па и години, придонесуваат сѐ повеќе сточари да ги продаваат своите стада и да го напуштаат селото. Ниската цена на млекото и месото исто така придонесува да расте незадоволството кај фармерите со што го прави секторот неатрактивен и непрофитабилен. Без долгорочна визија и стратегија сточарите нема на што да се надеваат.
Годинава не ги продадоа јагнињата, им пораснаа во бачилата, цело лето млекарниците им го откупуваат млекото за денар помалку, субвенциите за литар млеко не се исплатени за последните 6 месеци. Ветувања има, но не и радувања. И градинарите се без субвенции, па земјоделците секој ден пишуваат – Министре каде се парите за откупениот пипер…?
По една ваква слика за македонскиот аграр стигнаа охрабрувачки вести од Државниот завод за статистика –„забележан е нагорен тренд на извозот на земјоделските производи“. Премиерот Христијан Мицкоски не ја одмина веста– „Точно е тоа, имаме раст на извозот во првите пет месеци, од речиси шеесетина, близу седумдесет проценти, што е добро, охрабрувачки за земјоделците. Добро е и за државата, бидејќи e помал дефицитот што се однесува до увозот на храна“.
Земјоделците не останаа покусо, па му порачаа: „Точно е, извозот на млади и работоспособни луѓе од државата е зголемен, откако видоа какви измамници дојдоа на власт. Сѐ што ветија пред избори излажаа“.
Кај субвенциите тече многу матна вода – дали ги земаат вистинските земјоделци? Власта најавува „еурека“ за начинот на распределба. Формирана е работна група во која е вклучена науката, МЗШВ и други релевантни институции и се прави анализа на ефектот на субвенциите кои ги дава државата кон земјоделците.
Трипуновски веќе најави дека од наредната година ќе има одредена мала модификација во делот на субвенциите со цел, како што рече, да се зголеми домашното производство, иако првичните анализи покажувале дека не е причината за падот на производството само во субвенциите, тие биле момент на одржување на земјоделците.
По ова земјоделците се ребрат што новини ќе дочекаат од власта, дали реална стратегија или само предизборна политичка расправа за натегање.