Земјоделци протестираат во Холандија поради новите еколошки мерки


Илјадници земјоделци денеска се собраа на протест во холандско село, поради владиниот план за борба против загадувањето со азот. Многумина патуваа со трактори од сите краеви на земјата и го отежнаа сообраќајот.

Протестот во Строе, село оддалечено 70 километри источно од Амстердам, следува откако Владата нареди намалување на емисиите до 70 отсто на многу места близу заштитени природни подрачја и дури 95 проценти во некои до 2030 година.

Владата одвои дополнителни 24,3 милијарди евра за финансирање на промените, што веројатно ќе натера голем дел земјоделци драстично да ги намалат добрата или потполно да кренат раце од работата. Како што е нагласено, станува збор за „неизбежна транзиција“ со цел да се намалат емисиите на азотни оксиди од ѓубрива од фарми и употреба на амонијак за ѓубрење.

Земјоделците тврдат дека овие мерки се лошо осмислени и неправедни.

Се очекува тоа да доведе до намалување на холандските добра од 30 отсто, а негативните ефекти да бидат и поголеми во земјоделските области што се граничат со природни резервати.

Земјоделството е клучен сектор во холандската економија, со извоз вреден речиси 105 милијарди евра минатата година.

Но, резултатот доаѓа по цена на зголемување на производството штетни гасови и покрај тоа што земјоделците преземаат чекори за да ги намалат емисиите.