Земјите од Западен Балкан сакаат повеќе инвестиции и отворени граници


Премиерите на земјите од Западен Балкан денес во Лондон се заложија за отворени граници и за поголеми инвестиции во нивните економии. Во рамките на четвртиот по ред Инвестициски самит ЕБОР 2020 што го организира Европската банка за обнова и развој, учествуваат премиерите на Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и на Косово.

На Инвестицискиот самит на ЕБРД 2020 учествуваат сите шефови на влади од регионот: Оливер Спасовски, Еди Рама, Ана Брнабиќ, Душко Марковиќ, Зоран Тегелтија и Албин Курти.

Средбата ја отворија претседателот на ЕБРД, Сума Чакрабарти и премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, во името на ЕУ, како земја претседавач со Унијата.

На земјите од регионот им се потребни повеќе патишта за да се зголеми нивната поврзаност, но и инвестиции кои ќе придонесат за побрз економски развој, напишаа на Твитер дел од учесниците на Самитот.

Премиерите на шесте земји претпладнево учествуваа на заедничкиот панел на кој се заложија за поголема меѓусебна соработка и за изградба на инфраструктурни проекти во транспортот и енергетиката.

Обраќајки се на панел дискусијата премиерот Оливер Спасовски, истакнал дека еден од приоритетите е изградба на заеднички гранични премини со соседна Србија.

Премиерот Хрватска, Андреј Пленковиќ, во името на земјата претсдавач со ЕУ, ја нагласил посветеноста на Европската унија да ги помогне економските и социјалните реформи во земјите од Западен Балкан.

Кога ќе се остварат критериумите, Хрватска ќе биде првата која ќе ви посака добредојде во ЕУ, порачал Пленковиќ.

Претседателот Чакрабарти во пресрет на Самиот истакнан дека ЕБРД, како водечки инвеститор во регионот, со нетрпение го чека четвртиот инвестициски самит за Западен Балкан.

ЕБРД го смета Западен Балкан како приоритетен регион и нашата цел е да го отклучиме својот потенцијал со поддршка на повисока стапка на одржлив економски развој, како и на нејзините регионални и европски интеграции“, истакна Чакрабарти.

Целта на самитот е да се потенцираат потенцијалните инвестиции и деловни можности во регионот на Западен Балкан и да се промовираат регионални проекти.

Ова е четврт самит на ЕБРД од ваков вид. Инаугуративниот самит за Западен Балкан се одржа во ЕБРД во февруари 2014 година и за прв пат ги собра сите шестмина премиери од регионот.

ЕБРД е еден од најголемите институционални инвеститори во земјите од регионот, со досега инвестирани близу 13 милијарди евра.