Земјите од регионот праќаат спасувачи во Турција


Србија, Косово, Црна Гора, Албанија, вечерва или најдоцна уштре испраќаат тимови спасувачи да им помогнат на туските колеги по силниот земјотрес, во кој досега загинаа повеќе од 2.300 луѓе.

Триесетина српски спасувачи вечерва заминуваат за Турција

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ вечерва нареди 27 припадници на специјалистичката единица на Министерството за внатрешни работи да бидат испратени во Турција поради земјотресот.

– Два специјалистички тима со службено куче тренирано за пребарување и 4,5 тони опрема вечерва ќе заминат за Турција, објави ТВ Пинк, пренесе Бета.

Авионот со припадниците на специјалистичката единица треба да слета во Турција околу полноќ.

Повеќе од 2.000 луѓе загинаа во двата земјотреси со јачина од 7,8 и 7,5 степени според Рихтер кои денеска го погодија јужниот дел на Турција и соседна Сирија.

Албанија испрати прва екипа спасувачи во Турција

Албанскиот државен врв изрази жалење за трагичната загуба на животи од разорниот земјотрес во Турција и со посебен авионски лет испрати група спасувачи.

– Длабоко тажен од веста за разорниот земјотрес што ги погоди делови од Турција и Сирија. Нашето најдлабоко сочувство до многуте семејства кои ги загубија животите, а на повредените им посакуваме брзо закрепнување. Солидарна спасувачка мисија денеска замина за Турција, напиша албанскиот премиер Еди Рама.

Албанскиот претседател Бајрам Бегај вели дека е „длабоко тажен од разорниот земјотрес што ги погоди Турција и Сирија“.

– Албанците и јас стоиме покрај погодените луѓе и семејствата кои ги загубија своите најблиски во оваа страшна трагедија. Нашите искрени мисли и молитви се со нив, наведе Бегај.

Шефицата на албанската дипломатија Олта Џачка откако изразува сочувство до семејствата на настраданите напиша дека „во овој тежок момент сме подготвени да и помогнеме на Турција на секој начин“.

– Нашите срца и мисли се со сите засегнати и семејствата кои ги загубија своите најблиски! Ние сме со вас, со сè уште свежи сеќавањата од нашата трагедија од 26 ноември 2009, но и со топлината на солидарноста меѓу нашите два народа, напиша градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај.

Попладнево со посебен авионски лет, како што информираше првиот човек на центарот за цивилна заштита, Хаки Цако, отпатувала 38 члена екипа за потрага и спасување.

Косовската претседателка испрати војници во хуманитарна акција во Турција

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, во својство на врховен командант, потпиша овластување за распоредување на војници на Косовските безбедносни сили во меѓународна хуманитарна операција во Турција за да помогнат во отстранувањето на последиците од земјотресот, соопшти вечерва нејзиниот кабинет.

Како што пренесе Бета, Османи изрази целосна солидарност со народот на Турција и изјави дека Косово ќе продолжи да ја дава потребната поддршка.

 

Владата на Црна Гора испраќа тим спасувачи во Турција

Владата на Црна Гора денеска одлучи да испрати спасувачи во Турција за да помогнат во потрагата по затрупаните во урнатините по разорниот земјотрес што го погоди југот на таа земја, но не го прифати барањето за испраќање тим од лекари и помошен медицински персонал.

Како што соопштија од Владата на Црна Гора, Турција испратила барање за помош, преку Механизмот за цивилна заштита на Унијата, НАТО и ОН, заради спасување на населението по земјотресот што ја погоди оваа земја.

Министерството за внатрешни работи на Црна Гора, во соработка со општинските служби за заштита и спасување, подготви тим за потрага и спасување од урнатините – light USAR, во кој се вклучени 18 пожарникари-спасувачи и петмина членови на Дирекцијата за заштита и спасување. се наведува во соопштението.

Од Владата додаваат дека, согласно барањето на Турција, го информирале Министерството за здравство за потребата од подготовка и испраќање медицински тимови, но добиле информација дека не можат да испратат лекари и помошен медицински персонал како помош. 

Во двата земјотреси со јачина од 7,8 и 7,5 степени според Рихтеровата скала што денеска погодија големи делови од Турција и Сирија, според официјални лица, загинаа повеќе од 2.300 луѓе.

Се верува дека стотици луѓе се под урнатините, а билансот ќе се зголеми додека спасувачките тимови пребаруваат низ урнатините во градовите и населените места низ целата област.

Турската агенција за управување со катастрофи соопшти дека загинале 1.498 луѓе, а најмалку 8.533 се повредени, дека се урнале 2.834 згради, а се стравува дека билансот ќе биде уште поголем.

Во Сирија во земјотресот загинаа 810 лица, покажуваат новите податоци на Министерството за здравство и спасувачите во бунтовничките зони на земјата.