Земјите од ЕУ добија зелено светло за искоренување на лозјата
Европскиот совет усвои регулатива со која се воведува пакет мерки за зајакнување на конкурентноста и отпорноста на винскиот сектор во Европската Унија. Како што е најавено, целта е подобро да се усогласи понудата и побарувачката, да се зајакне адаптацијата кон климатските промени, да се поттикне иновацијата и да се поддржи руралната економија, вклучително и развојот на винскиот туризам.
Како што објави Eunews, мерките вклучуваат можност земјите-членки да го поддржат отстранувањето на вишокот лози со цел да се спречи поплавување на пазарот и да се зачува стабилноста. Рокот за системот за права на садење е исто така укинат, а наместо тоа се воведува период на преглед од десет години. Во исто време, земјите-членки на ЕУ ќе можат да ги зголемат инвестициите поврзани со климатските промени – вклучително и ублажување и адаптирање – до 80% од прифатливите трошоци, со цел да се забрза транзицијата кон поодржливо производство, објавува „europa.eu“.
Регулативата, исто така, воведува поедноставени, хармонизирани правила за етикетирање низ цела ЕУ, со дигитални етикети и пиктограми, кои треба да ги намалат административните трошоци и да ја олеснат прекуграничната трговија. Исто така, се наведени етикетите за производи со помала содржина на алкохол: „безалкохолно“ за вина со помалку од 0,5% алкохол, „0,0%“ за производи со помалку од 0,05%, додека вината со намалена содржина на алкохол (над 0,5%, но најмалку 30% пониска од стандардната јачина) ќе бидат означени како „со намалена содржина на алкохол“. Причината за ова поместување во производството и етикетирањето лежи во фактот дека виното со нула проценти алкохол, познато како безалкохолно вино, станува сè попопуларно, особено кај младите. Според експертите, се прави со користење на технологијата на отстранување на алкохол (деалкохолизација) од обичното вино, а притоа ги задржува неговите ароми.
Побарувачката толку многу порасна на некои пазари во Европа што Брисел беше принуден попрецизно да ги декларира овие вина. Особено затоа што веќе постојат неколку категории на популарниот „безалкохолен“ пијалок, што може да ги доведе во заблуда потрошувачите. Во последниве години, побарувачката од помладите потрошувачи за оваа категорија вино се зголемува.
Правилата се менуваат и за вината наменети за извоз, а за нив е предвидено ослободување од обврската за наведување на состојките и нутритивните декларации, со цел да се намали бирократијата. Мерките што ги усвои Брисел вклучуваат дополнителна поддршка во борбата против штетниците на растенијата преку мониторинг, дијагностика, обука и истражување, како и појаснување дека розе виното може да се користи како основа за нови регионални ароматизирани производи. Регулативата стапува на сила 20 дена по објавувањето во Службениот весник на ЕУ.
Исто така, се нагласува дека винскиот сектор е еден од столбовите на европското земјоделство и дека Европската Унија учествува со околу 60% во светското производство на вино, а секторот е трет најголем извозен сектор за земјоделско-прехранбени производи во Унијата.
Исто така, игра важна улога во зачувувањето на руралните заедници и културното наследство, со 88% од лозјата во ЕУ посветени на вина со географско потекло.
Сепак, ЕУ одлучи за нови мерки бидејќи овој сектор неодамна се соочи со голем број предизвици, вклучувајќи демографски промени, промена на навиките на потрошувачите, климатски екстреми и неизвесности на пазарот.