Земјите членки со отпор кон планот на ЕУ за намалена потрошувачка на гас


Шпанската влада нема да им нареди на потрошувачите да ја ограничат потрошувачката на гас, изјави денеска министерката за енергетика Тереза Рибера.

„Нема во законот да воведеме задолжително подесување на температурата во домашните термостати“, рече таа во интервју за локалната радио-станица „Кадена СЕР“.

Владата сепак, само ќе им препорача на луѓето да штедат енергија, додава таа, а Владата ќе ја заштити и потрошувачката на гас во индустријата.

Рибера вчера рече дека нејзината влада се противи на предлогот на ЕУ за намалување на потрошувачката на гас затоа што земјата не е зависна од рускиот гас по вложувањата во инфраструктурата и складирањето и втечнувањето на гасот во минатото.

Португалската влада, исто така, нема да го поддржи планот кој го предложи Брисел да се намали европската потрошувачка на гас за 15 отсто за да се надмине евентуалниот можен прекин на руските испораки, рече Жоар Галамба, државниот секретар за животна средина и енергетика.

„Португлија ќе се спротивстави на таа непропорционална мерка“, вели тој во интервју за дневниот весник „Публико“ објавен во четвртокот.

Предлогот на Комисијата „не е прилагоден на земјите кои не се меѓусебно поврзани“, со гасна мрежа како Португалија, објасни тој.

На планот на ЕУ се противеа и Полска и Унгарија.

И Грција начелно не се согласува со предлогот на Европската Комисија за намалување на потрошувачката на гас за 15 отсто, рече портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на денешниот редовен брифинг со новинарите, објаснувајќи дека тие ќе продолжат да ги поддржуваат нивните веќе доставени предлози, јави дописничката на МИА од Атина.

-Грчката Влада начелно не се согласува со предлогот на Комисијата за намалување за 15 отсто на употребата на природниот гас. Поднесовме низа предлози и во однос на цените, односно економската димензија на природниот гас и во однос на снабдувањето. И ќе инсистираме на овие предлози, рече Иконому.

Додаде дека ќе останат на нивниот став дека „насоката на овие предлози може да донесе многу суштински и клучни решенија„ за справување со енергетската криза во Европа.

Европската комисија предложи доброволна цел за сите земји на ЕУ да ја намалат потрошувачката на гас за 15 отсто од август до март, во споредба со нивната просечна потрошувачка во истиот период од 2016 до 2021 година.

Неколку земји како Австрија, Германија и Данска рекоа дека ги разгледуваат плановите за итни случаи кои на кројт би вклучувале и рационализација на гасот.