Земјава да стане стартап хаб на Балканот, е пораката од првиот национален Стартап самит


Градење посилна старт-ап заедница, зајакнување на претприемачкиот дух во македонското општество и создавање на глобално успешни старт-апи се во фокусот на Првиот национален старт-ап самит под мотото „Заеднички влијаеме“, во организација на Старт-ап Македонија и Бизнис Импакт Лаб, поддржано од Фондот за иновации и технолошки развој и Швајцарската претприемачка програма (Swiss EP), кој се одржа денеска.

– Иновативните идеи го движат светот напред, а јас сум убеден дека сите заедно ќе направиме уште поуспешен деловен амбиент со посветена трансформација на македонскиот стартап еко систем. Заеднички да придонесеме земјава да стане стартап хаб на Балканот зашто веруваме дека тоа е вовед во четвртата индустријализација кон која се стремиме, порача премиерот Зоран Заев, отворајќи го првиот национален старт-ап самит.

Заев упати силна поддршка за иновативните идеи на македонската стартап заедница и нејзината голема улога во економскиот раст на локално и национално ниво. Воедно им упати честитки на сите претприемачи кои, како што рече, и во услови на пандемија не застануваат, туку ги дигитализираат процесите и имплементираат најсоверемени алатки за развој на бизнисите.

– Продолжуавме уште позасилено да ги мотивираме стартап компаниите да се развиваат, да освојуваат нови пазари, интернационално да се поврзуваат, да креираат висока додадена вредност и да прераснат во национални брендови. Вашите успешни иновативни приказни се мотив за сите што размислуваат дали да ја преточат својата идеја во бизнис, истакна Заев.

Премиерот потсети дека само во последните три години преку ФИТР се поддржани 559 компании со кофинансирани проекти и над 76 милиони евра инвестциии што е неспоредливо, потенцира, со периодот пред 2017 година кога беа поддржани само околу 30 компании.

– Имаме многу потенцијал, паметни млади луѓе кои треба да се поддржат, да бидат свои газди и да придонесат за развој на бизнис заедницата и економијата. Претприемачи, сметајте на поддршка од вашата Влада, подвлече Заев и изрази надеж дека од Самитот ќе произлезат квалитетни заклучоци.

Пред присутните се обрати и вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, кој нагласи дека е среќен затоа што е на денешниот настан, бидејќи смета дека тоа е иднината.

– Вие претставувате развој, ентузијазам, посветеност, визионерство и претприемачки дух. Сето она што е потребно за креирање на одржлива и развојна економија. За мене претставува чест и повик од највисок степен, да ви служам и да работам заедно со вас во создавање на еко-систем кој ќе ни овозможи да ги реализираме сите ваши замисли, кажа Битиќи.

Тој дополни дека верува оти мисија на Владата не е само да го олесни пристапот до финансии, туку, преку системски решенија да го трасира и расчистува патот пред старт-ап заедницата затоа што токму таа може да нè поведе кон иднината која ја замислува.

Амбасадорката на Швајцарија, Сибил Зутер Техада, во своето обраќање потсети дека Швајџарија го поддржува развојот на стар-ап еко-системот во земјава од 2015 година.

– Горда сум што гледам дека заедно со нашите партнери од Фондот за иновации за само шест години и растечко општество од старт-ап еко-систем компании. Како резултат на овие напори, старт-ап еко-системот на Северна Македонија сега ужива во својот пораст и соработка и сега е способен да генерира одржувачки организации и истомисленици и компетитивни старт-апи и претприемачи, рече Техада.

Таа дополни дека на ова патување сите научивме дека еко-системот е комплициран и треба да е воден од претприемништвото, но не може да функционира без поддршка од оние кои ги носат одлуките, при што изрази особено задоволство што Владата ги поддржува старт-ап заедниците во овој процес.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки разво, Коста Петров изјави дека се на сигурен пат таа „луда визија“ која ја имаат, многу брзо да стане реалност.

– Горд сум што сум дел од институција која е стратешки партнер на еко системот. Имаме портфолио од 559 компании, 559 членови на нашето семејство од кои дури 50 проценти се старт-апи. Последната студија на „Фајнанс тинк” покажа дека нашата институција нуди најефективна државна помош, а истражувањето кое го направивме со Старт-ап Македонија покажува дека Фондот за иновации е клучен во развојот на македонскиот старт-ап систем, посочи Петров.

Тој дополни дека е горд на овие бројки, меѓутоа, како што рече, тие носат одговорност да бидат уште подобри и да направат уште повеќе, да срушат бариери но, и да покажат како една државна институција треба и мора да функционира.

На првиот Национален Старт-ап Самит под мотото „Заеднички влијаеме“, над 20 претставници од македонската старт-ап заедница заедно со претставниците на Владата, ќе ги дефинираат чекорите кои државата треба да ги преземе за нашата држава да се позиционира како регионален старт-ап хаб низ четири панел дискусии: Македонски стартап еко систем: Каде сме и каде сакаме да бидеме? 2016-2026, Иновации – Успешни приказни на македонските иновативни компании/старт-апи, Пристап до финансии и Импакт бизниси водени во РСМ – Предности и предизвици.