Зеленски засега не е подготвен да го потпише договорот за минерали со САД


Киев – Украинскиот претседател Володимир Зеленски засега не е подготвен да потпише договор за минерали со САД, бидејќи Киев гледа „голем број проблематични точки“ во неговата содржина, јавува „Скај њуз“, повикувајќи се на украински извор запознаен со преговорите.

Иако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека се близу до договор, украински извори тврдат дека постојните предлози не го одразуваат партнерството и содржат „еднострани обврски само за Украина“.

Трамп претходно најави дека бара пристап до украинските минерални ресурси во замена за воена поддршка.

Неговиот советник за национална безбедност Мајк Волц изјави дека договорот ќе биде потпишан „наскоро“, но украински извори тврдат дека засега нема согласност од страна на Зеленски.

Вашингтон се заканил да ја исклучи Украина од сателитскиот интернет Старлинк ако Киев не прифати договор за развој и користењето на нејзините минералните ресурси од страна на САД, пренесуваат дел од американските медиуми.

Овој сателитски интернет е во сопственост на СпејсЕкс, компанија на милијардерот Илон Маск кој се наоѓа во најтеснот круг соработници на претседателот на САД, Доналд Трамп.

-Украина е целосно зависна од Старлинк, тие го сметаат за својата Поларна ѕвезда. Губењето пристап до системот ќе биде сериозен удар за нив, изјавил изворот.

Според Мелинда Харинг од Атлантски совет, Старлинк игра клучна улога во управувањето со украинските беспилотни летала, важен дел од нивната воена стратегија.

-Ако Украина го загуби пристапот до Старлинк, тоа радикално ќе ги промени правилата на игра, истакна Харинг. Според неа, украинската армија во моментов постигнала паритет со Русија во користење на беспилотните летала и артилеријата. Притоа, Киев располага со широк спектар на дронови – од извидувачки и поморски до далекудометни ударни летала.