Зеленски: Секој ден Украина има 60 до 100 убиени војници во Донбас
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во интервју за американското издание на Newsmax зборуваше за секојдневните загуби на украинската армија во Донбас.
„Ситуацијата во источна Украина е многу комплицирана. Секој ден имаме меѓу 60 и 100 убиени војници и околу 500 ранети во борба. Ги држиме нашите одбранбени периметри“, рече Зеленски.
На 22 мај, Зеленски веќе зборуваше за загубите на вооружените сили на Украина во Донбас, коментирајќи ја петицијата со која се бара да им се дозволи на мажите на воена возраст да ја напуштат Украина. „Не разбирам целосно до кого е упатена оваа петиција – дали оваа петиција е упатена до мене или, можеби, до родителите на оние војници кои ги дадоа своите животи за Украина? Кога денес од 50 до 100 луѓе [умираат] во најтешката област на истокот на нашата држава“, рече тогаш украинскиот претседател.
Русија сега спроведува офанзива во Донбас обидувајќи се да стигне до границите на регионот Луганск.
На 31 мај, шефот на регионот Луганск, Сергеј Гајдаи, рече дека руските трупи го окупирале поголемиот дел од Северодонецк, еден од последните поголеми градови во регионот кој остана под украинска контрола. Шефот на Чеченија, Рамзан Кадиров, пак, најави завршување на „тоталното чистење“ на Северодонецк.
Ниту Украина ниту Русија не известуваат редовно за жртви на нивните армии во војната. Министерството за одбрана на Руската Федерација двапати ги објави овие податоци, последен пат на 25 март, известувајќи за 1.351 загинат и 3.825 ранети. Володимир Зеленски во средината на април рече дека од почетокот на војната загинале од 2.500 до 3.000 украински војници, а уште околу 10.000 биле ранети.