Зеленски се сретна во Киев со тројцата европски премиери

Целта на посетата на Матеуш Моравјецки, Петр Фијала и Јанез Јанша на опсадениот град е да се потврди недвосмислената поддршка на ЕУ за суверенитетот на Украина


Средбата на Володимир Зеленски со тројцата европски премиери

 

По патувањето со воз премиерите на Полска, Чешка и Словенија вечерва во опсадениот од руските сили Киев се сретнаа со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Зеленски им рече на политичарите од ЕУ дека го цени нивниот гест. „Вашата посета на Киев во толку тешко време е силен доказ за поддршка“ им рече Зеленски на Матеуш Моравјецки, Петр Фијала и Јанез Јанша.

Премиерите на Чешка, Полска и Словенија во вторникот отпатуваа за Киев за да покажат поддршка во име на ЕУ. Тие се првите странски лидери кои го посетија главниот град на Украина по рускиот напад на 24 февруари.

„Целта на посетата е да се потврди недвосмислената поддршка на целата Европска унија за суверенитетот и независноста на Украина и да се претстави широк пакет поддршка за Украина и Украинците“, се вели во нивните изјави на тројцата премиери.

Јанез Јанша, Матеуш Моравјецки, Јарослав Качињски и Петр Фијала над картата на Украина

Нема многу детали за што подетало разговарале тројцата премиери и Зеленски и каде се одржал состанокот, иако според објавата на Твитер се претпоставува дека тоа се случило во претседателските канцеларии.

Пред нив, во Киев пристигна во ненајавена посета и Габрелиус Ландсбергис, министер за надворешни работи на Литванија. Тој во главниот град на Украина разговараше со неговиот домаќин Дмитро Кулеба и со други претставници на украинската влада. 

Во Киев исто така е веќе и првиот еврокомесар кој дошол во Украина од почетокот на руската инвазија – Виргиниус Синкевичиус. Еврокомесарот од Литванија е надлежен за животна околина, океани и риболов.