Зеленски пристигна во Турција, денеска средба со Ердоган


Украинскиот претседател Володимир Зеленски и првата дама Олена Зеленска синоќаа пристигнаа во официјална посета на Турција.

„Официјална посета на Турција заедно со првата дама. Средби со претседателот Реџеп Таип Ердоган и првата дама Емине Ердоган. Продолжуваме со сите напори за размена на воените заробеници – нашите луѓе мора да се вратат дома“, објави Зеленски на социјалните мрежи.

 

Тој додаде дека со турските власти ќе разговараат и за прашањата поврзани со сигурноста за обезбедување храна, додека неговата сопруга ќе се фокусира на образовната и културната дипломатија.

Шефот на Дирекцијата за комуникации на турското претседателство, Фахретин Алтун, најави дека Зеленски ќе престојува во официјална посета на Турција и дека турскиот претседател Ердоган денеска ќе го прими во Претседателската палата во Анкара.

Се очекува двајцата лидери да разговараат за стратешкото партнерство меѓу Турција и Украина, со фокус на зајакнување на односите во сите аспекти и договор за чекорите што треба да се преземат за натамошно зајакнување на соработката.