Зеленски пристигна во неочекувана посета на Лондон


 

Британскиот крал Чарлс Трети денеска ќе го прими украинскиот претседател Володимир Зеленски, објави Ројтерс, повикувајќи се на соопштение од Бакингемската палата.

Зеленски денеска пристигна во неочекувана посета на Велика Британија. Украинскиот претседател ќе има разговори со британскиот премиер Риши Сунак. Зеленски, исто така, треба да се обрати во британскиот парламент и да се сретне со украинските војници кои моментално се на обука во Британија.

„Посетата на претседателот Зеленски на Велика Британија е доказ за храброста, решителноста и борбеноста на неговата земја. Тоа е доказ за нераскинливото пријателство меѓу нашите земји“, рече Сунак во изјавата.

Кабинетот на британскиот премиер објави дека има намера да го прошири опсегот на поморска и воздушна обука за војниците на украинските вооружени сили. Во иднина во Британија се очекува да се обучуваат пилоти и маринци. Покрај тоа, Даунинг стрит има намера да го забрза обезбедувањето на воена опрема за Киев.

Велика Британија е една од земјите што му пружи најголема поддршка на Киев, со доделена воена помош досега во износ од 2,5 милијарди фунти, забележува Асошиејтед прес.

Володимир Зеленски утре ќе го посети Брисел.

Британската влада најави нов пакет санкции против Русија поради нејзината инвазија на Украина, пренесе Франс прес.

Секретарот за надворешни работи Џејмс Клеверли рече дека новите санкции против организациите на кои се потпира војската на рускиот претседател Владимир Путин „ќе го забрзаат економскиот притисок врз Путин – поткопувајќи ја неговата воена машина за да ѝ помогне на Украина да победи“.

Пакетот санкции ќе влијае на шест организации кои обезбедуваат воена опрема како беспилотни летала. Тоа беше објавено за време на посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Велика Британија.

Санкциите ќе бидат насочени и кон осум поединци и една организација поврзана со „финансиски мрежи кои помагаат во одржувањето на богатството и моќта на елитата на Кремљ“, се вели во соопштението на владата.