Зеленски победник на претседателските избори во Украина


Комичарот Володомир Зеленски победи на изборите за претседател на Украина, јави Би-Би-Си, повикувајќи се на излезните анкети.

Според овие анкети, Зеленски освоил 70 отсто од гласовите. Вториот круг, оценува Би-Би-Си е само продолжение на неговата доминација, со оглед на тоа дека тој и по првиот круг пред три недели имаше најмногу гласови од сите 39 кандидати.

Украинскиот претседател има значајни овластувања, посебно кога станува збор за безбедноста, одбраната и надворешната политика.

Зеленски е политичар, сценарист, актер и директор на украинското филмско студио Квартал 95. Тој ја играше улогата на претседател на Украина во популарната сит-ком „Слуга на народот“ во 2015 година. Политичката партија „Слуга на народот“ беше формирана во март 2018 година од страна на луѓето во продукцијата на Квартал 95, кои ја
креираа истоимената телевизиска серија. Во минатомесечното интервју за „Шпигел“ Зеленски рече дека влегол во политиката за да ја обнови довербата во политичарите и дека сака да донесе „професионални и чесни луѓе на власт“. Се залага за влез на Украина во ЕУ и НАТО, но таа одлука да биде поткрепена на референдум. Најави цврста борба против корупцијата и силно владеење на правото.

Тој е роден на 25 јануари 1978 година и обајцата родители му се Евреи. Неговиот татко е универзитетски професор, а неговата мајка е инженер. Дипломирал на економскиот универзитет во Киев, женет е и има две деца.