Зеленски по средбата со Георгиева во Њујорк: ММФ ќе ѝ помогне на Украина за финансиска стабилност во 2027 година


Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ќе ѝ помогне на Украина да обезбеди дел од потребните средства за финансиска стабилност на земјата во 2027 година, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски по денешната средба во Њујорк со извршната директорка на ММФ, Кристалина Георгиева.

Зеленски за разговорите со Георгиева информираше преку социјалните мрежи, за време на неговиот престој во Њујорк по повод општата дебата на 81-та сесија на Генералното собрание на Обединетите нации.

„Се сретнав со извршната директорка на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева. ММФ ќе помогне во обезбедувањето дел од потребните средства за финансиската стабилност на Украина во следната година. Ви благодарам за оваа одлука. Во крајна линија, секој чекор за економска поддршка значи и заштита на нашиот народ“, истакна Зеленски.

Според украинскиот претседател, на средбата било разговарано и за важноста од усвојувањето на законските измени кои претставуваат обврска на Украина кон меѓународните партнери.

„Врховната рада веќе изгласа дел од тие одлуки, а до крајот на годината ќе ги донесе и сите преостанати закони потребни за добивање на финансиската поддршка“, увери Зеленски.