Зеленски, Орбан, Болсонаро… Кој ќе присуствува на денешната инаугурација на претседателот на Аргентина


Во главниот град на Аргентина, Буенос Аирес сè е подготвено за денешната инаугурација на новиот претседател Хавиер Милеи, човекот кој ја потресе политичката сцена на оваа земја.

Во услови на бројни економски и други проблеми со кои се соочува Аргентина, Милеи успеа да стекне најголема популарност меѓу гласачите и со низа необични изборни ветувања победи на неодамна одржаните избори во оваа земја.

„Како кандидат, Милеи вети дека ќе го „исчисти“ политичкото раководство од корупција и ќе ја елиминира Централната банка на Аргентина, која ја обвини дека печатела пари и ја поттикнува инфлацијата“, пишува Еј-Би-Си Њуз.

Исто така, Милеи претходно се претстави како „воин против глобалниот социјализам“ и рече дека му се восхитува на поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

Како своевиден симбол на политиките што ќе се обиде да ги спроведе, Милеи често носеше моторна пила на изборните митинзи, што беше симбол на најавеното кратење на трошоците во земјата.

Пред инаугурацијата во Аргентина пристигнаа бројни државници, а Милеи се сретна и со унгарскиот премиер Виктор Орбан. На инаугурацијата на Милеј пристигна и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Посетата на Зеленски е силен политички гест кон регионот. Ова е првпат Зеленски да ја посети Јужна Америка по руската инвазија на Украина“, пишуваат аргентинските медиуми.

Според руските државни медиуми, на инаугурацијата треба да присуствува и рускиот амбасадор во Аргентина, Дмитриј Феоктистов.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков рече дека изјавите на Милеи за време на неговата изборна кампања биле „забележани“.

„Но, ќе се фокусираме и ќе му судиме главно според изјавите што ги дава по инаугурацијата“, додаде Песков.

Некои други светски лидери треба да присуствуваат на инаугурацијата во недела. Меѓу нив се шпанскиот крал Фелипе Шести, Унгарецот Виктор Орбан, Парагвајецот Сантијаго Пења, Уругвајецот Луис Лакале Поу и Чилеанецот Габриел Бориќ.

Присуствува и поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро, со политика многу поблиска до онаа на Милеи отколку сегашниот претседател Лула.