Зеленски повикан да дојде на НАТО самитот во Мадрид


 

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг потврди дека украинскиот претседател Володимир Зеленски е повикан да учествува на Самитот на Алијансата во Мадрид што се одржува за две недели.

Како што рече Столтенберг, за две седмици сојузниците ќе се состанат на историски и трансформативен самит во Мадрид.

„Тука ќе се донесат одлуки НАТО да остане силен во светот кој станува се поопасен. Вечерва имавме одлична дискусија за нашите подготовки. Вклучувајќи ја потребата да ја продолжиме нашата поддршка на Украина. Се радувам што ќе го дочекаме претседателот Зеленски да им се обрати на лидерите на НАТО на нашиот самит во Мадрид“, рече Столтенберг на прес-конференција по состанокот со лидерите на седум НАТО сојузници.

Тој рече дека како одговор на инвазијата на Русија, НАТО ја зајакна својата способност да ја заштити и да ја одбрани секоја педа на сојузничките територии на НАТО.

Самитот на НАТО во Мадрид ќе се одржи од 28 до 30 куни за да се позанимава со актуелните предизвици на европската и евроатланската безбедност, начините на понатамошна трансформација на Алијансата и со усвојувањето на новиот стратегиски концепт.