Зеленски им се обрати на Украинците за да ги подготви за инвазија (ВИДЕО)

Ние сме заплашувани од голема војна и уште еднаш е одреден датумот на инвазијата. Ова не е прв пат. Но, нашата држава денес е посилна од кога било, рече Зеленски


 

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски во обраќањето пред Украинците на својот Фејсбук профил изјави дека среда може да биде денот на руската инвазија, а тој ден ќе го прогласи како ден на украинско национално единство, јави Ројтерс.

-Големи луѓе на голема земја! Пред нашата држава има сериозни надворешни и внатрешни предизвици, кои бараат одговорност, доверба и конкретни дејствија од мене и од секој од нас.
Ние сме заплашувани од голема војна и уште еднаш е одреден  датумот на воената инвазија. Ова не е прв пат. Но, нашата држава денес е посилна од кога било.

Ние се стремиме кон мир и сакаме сите прашања да ги решаваме исклучиво преку преговори. И Донбас, и Крим ќе се вратат во Украина. Само на дипломатски начин. Не гледаме  во туѓото, но нема да го дадеме своето. Имаме неверојатна армија. Нашите момчиња имаат уникатно борбено искуство и модерно оружје. Таа е повеќе пати посилна од армијата пред осум години. Ние сме уверени во нашите вооружени сили, а и нашата војска треба да ја почувствува нашата поддршка, нашето заедништво и нашето единство. Основата на нашата армија е довербата на сопствениот народ и силната економија.

Ни велат дека 16 февруари ќе биде денот на нападот. Ќе го направиме дена на обединување. Указот е веќе потпишан. Попладнево ќе закачиме национални знамиња, ќе облечеме сино-жолти ленти и ќе му го покажеме на светот нашето единство.

Имаме голема европска аспирација. Ние сакаме слобода и подготвени сме да гласаме за неа. Од небото не гледаат 14 илјади бранители и цивили кои загинаа во оваа војна. И ние нема да го изневериме нивното сеќавање.

Сите сакаме да живееме среќно, а среќата ги сака силните. Никогаш не сме можеле да се откажеме и нема да го научиме тоа. Сакајте ја Украина! Ние сме во мир! Ние сме силни! Ние сме заедно!= рече Зеленски.

Зеленски не кажа кој го предложил датумот на 16 февруари. Сепак, неколку американски новински организации минатата недела објавија дека Вашингтон верува дека тоа е датумот кога руските сили ќе бидат подготвени ако Путин даде наредба за инвазија.

Зеленски ги повика државните претставници, политичарите и бизнисмените кои неодамна ја напуштија државата да се вратат во Украина во рок од 24 часа и да покажат единство со нацијата поради стравувањата од руска инвазија.

„Ваша директна должност е во таква ситуација да бидете со нас, со украинскиот народ. Ви предлагам да се вратите во својата татковина во рок од 24 часа и да застанете рамо до рамо со украинската армија, нашата дипломатија и нашиот народ“, рече Зеленски во видео обраќање.

Украинските медиуми објавија дека некои пратеници и водечки бизнисмени ја напуштиле земјата минатиот викенд, откако САД, Велика Британија и други западни земји ги советувале своите граѓани итно да ја напуштат Украина.

„Вратете се кај вашиот народ и вашата земја, која беше извор на вашите фабрики и богатство“, нагласи Зеленски.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш одвоено разговараше со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и со украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба, изјави портпаролот на ОН Стефан Дижарик. Тој вели дека постои голема загриженост. 

Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан предупреди  дека „сите елементи“ се во прилог на тоа дека Русија може да изврши „голема офанзива“ против Украина, откако Москва распореди илјадници војници на нејзините граници.