Зеленски го посети Бахмут, градот каде што се водат најтешките борби


 

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го посети градот Бахмут на првата линија на фронтот за да се сретне со воени претставници и да им додели награди на војниците, соопшти неговиот кабинет.

Ројтерс објави дека претходно тој ги обновил повиците за повеќе оружје откако руските беспилотни летала погодиле енергетски цели во трет воздушен напад врз електроенергетските постројки за шест дена. Во своето вечерно обраќање тој рече:

„Оружје, гранати, нови одбранбени способности… сѐ што ќе ни даде можност да го забрзаме крајот на оваа војна“.

Украинската војска соопшти дека соборила 30 од 35 беспилотни летала „камикази“ кои Русија ги истрелала во понеделникот, главно во главниот град Киев. Леталото без екипаж лета кон својата цел, а потоа паѓа и детонира при удар.

Русија почнала да користи нов модел на иранските дронови „Шахед-131“, соопшти воздухопловната команда на украинските сили. Овој дрон лета со брзина од 15о км/час.

Украинските власти во вторникот соопштија дека пет лица се убиени во источниот дел на Донецк и јужниот дел на Керсон, а осум се ранети и дека 21 проектил ја исфрлил струјата во јужниот град Запорожје.