Зеленски го објави бункерот од кој управуваше првите денови од војната


Украинскиот претседател Володомир Зеленски сними големо обраќање по повод годишнината од почетокот на руската инвазија на Украина. Видеото за прв пат понуди детален поглед на подземниот бункер на претседателот – местото каде што се донесуваа клучните одлуки во првите денови од војната.

„Денес се навршуваат точно четири години откако Путин рече дека „ќе го заземе Киев за три дена“. И ова многу кажува за нашиот отпор, за начинот на кој Украина се бореше цело време. Зад овие зборови стојат милиони наши луѓе. Зад нив стојат огромна храброст, многу напорна работа, издржливост и долгиот пат по кој Украина оди од 24 февруари. Оваа канцеларија, оваа мала соба во бункерот Банкова – тука се одржаа моите први разговори со светските лидери на почетокот на војната. Тука разговарав со претседателот Бајден и токму тука слушнав:

„Володимир, постои закана, треба итно да ја напуштиш Украина. Ние сме подготвени да помогнеме“. И јас одговорив дека ми треба оружје, а не такси. Сите сме живи луѓе, и тој ден сите ние – сите Украинци – бевме и исплашени и болни, многумина беа во шок и не знаеја што да кажат. Но, на некое… на некое невидливо ниво, сите знаевме дека немаме друга Украина. Ова е нашиот дом и разбравме што треба да направиме. Тоа беше избор. Избор што милиони Украинци го направија тогаш. Нашиот народ не го крена белото знаме, туку го бранеше сино-жолтото. А окупаторите, кои мислеа дека тука ќе бидат пречекани со цвеќе, видоа редици пред воените комесари. Нашиот народ избра отпор. Јас работев тука [во бункерот], потоа се качив и се обратив кон вас, кон народот. Тука беше нашиот тим, владата, дневните состаноци со војската, разговорите, потрагата по решенија – сè што е потребно Украина да издржи. Искрено, имаше секакви моменти.