Зеленски до Европа: Не можете да купувате гас од Русија, а да очекувате да ве бранат САД
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска порача дека Европа треба да развие заедничка одбранбена политика и да биде подготвена да ги зголеми трошоците за одбрана за да ја гарантира сопствената безбедност од нови закани. Тој на Светскиот економски форум во Давос рече дека Европа треба да биде подготвена да застане на свои нозе и мора да работи за да остане релевантна како „силен глобален“ играч, еден ден по инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп , кој бара од земјите-членки на НАТО да ги зголемат трошоците за одбрана.
Зеленски посочи дека Европа има помало влијание врз Вашингтон бидејќи САД веруваат дека нивните сојузници не придонесуваат доволно за безбедноста.
„Дали некој во САД се грижи дека еден ден Европа може да ги напушти – дека може да престане да биде нивен сојузник? Одговорот е не“, рече Зеленски.
Тој додаде дека Европејците треба да смислат обединета безбедносна и одбранбена политика и алудираше на изјавата на Трамп пред инаугурацијата кога тој предложи големо зголемување на трошоците за одбрана на НАТО до пет проценти од бруто домашниот производ (БДП).
„Ако за одбрана се потребни пет проценти од БДП, нека биде пет проценти. И нема потреба да се игра со емоциите на луѓето дека одбраната треба да се компензира на сметка на лекови или пензии – тоа не е фер“, рече Зеленски.
Исто така, оцени тој, Европа не може да очекува дека ќе продолжи да купува гас од Русија и да добива во исто време бесплатна безбедност од САД.
Украинскиот претседател го посочи распоредувањето на севернокорејските трупи во западна Русија како илустрација за, како што рече, зголемена закана за европската безбедност.
„Европските лидери треба да го запомнат ова – битките во кои учествуваат севернокорејски војници сега се одвиваат на места кои се географски поблиску до Давос отколку до Пјонгјанг“, рече тој.
Тој укажа и на неодамнешниот пакт меѓу Русија и Иран за зајакнување на нивната економска и воена соработка, наведувајќи дека договорот е пример за промена што претставува закана за Европа.
„Против кого прават такви зделки? Против вас, против сите нас“, рече украинскиот претседател.
Изјавата на Трамп за време на кампањата дека брзо ќе ја заврши војната во Украина ги поттикна шпекулациите во Киев и Европа за потребата од безбедносни гаранции за да се спречи иден руски напад, со идеја за контингент на мировници. Зеленски рече дека ќе биде потребен контингент од најмалку 200.000 европски мировници како дел од решението за ставање крај на војната со Русија.
„Од сите Европејци 200.000, тоа е минимумот. Тоа е минимумот, инаку не е ништо“, рече Зеленски на прашањето за идејата за мировна мисија на панелот по говорот.
Тој рече дека Украина нема да ги прифати руските барања за драстично намалување на големината на нејзината војска, предвидувајќи дека рускиот претседател Владимир Путин ќе бара Украина да ги намали своите вооружени сили на една петтина од нејзината големина.
„Тоа е она што тој го сака. Нема да дозволиме тоа да се случи“, рече Зеленски.
На панелот по говорот, Зеленски рече дека Украина работи на организирање средба со Трамп.
„Тимовите работеа на средба, моментално се во процес“, рече Зеленски за напорите да се договори средба со Трамп.