Зеленски: Борба за „секој метар“ во Северодонецк
Украинските сили во градот се во незавидна позиција откако руските војски го урнаа последниот мост што беше можност за повлекување
Во своето традиционално видео обраќање доцна во ноќта, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека Русија распоредува „слабо обучени регрути и оние собрани со тајна мобилизација“ во источниот регион Донбас.
Според него, Русија распоредува резервни сили во Донбас за да го поддржи нејзиниот напад врз градот Северодонецк, „каде што се водат многу жестоки борби буквално за секој метар“, како и во Лисичанск, Бахмут и други области.
„Русија може да ја премине линијата од 40.000 изгубени војници веќе во јуни. Во ниедна друга војна во многу децении тие не изгубиле толку многу“, рече тој, обвинувајќи ги руските генерали дека на својот народ гледаат како на „топовско месо“.
Тој уште еднаш ги повика светските лидери да ѝ обезбедат на Украина модерни системи за ракетна одбрана, наведувајќи ги жртвите од последниот ракетен напад врз западна Украина.
Михаило Подољак, советник на претседателот Зеленски, напиша на Твитер дека на неговата земја ѝ е потребен паритет во тешкото оружје со непријателот за да се стави крај на војната.
Подољак напиша дека на Украина ѝтребаат 1.000 хаубици калибар 155мм; 300 повеќецевни ракетни системи; 500 тенкови; 2.000 оклопни возила; и 1.000 дронови
Руското Министерство за одбрана соопшти дека уништило големо количество оружје и воена опрема во регионот на Донецк, вклучително и некои испратени од САД и Европа.
Се наведува дека ракети со висока прецизност од воздух погодиле во близина на железничката станица Удахне, погодувајќи ја опремата што им била испорачана на украинските сили.
Ова тврдење не може независно да се потврди, но ако е вистина, тоа би било значаен удар за Украина, која трпи големи загуби во источниот регион Донбас, каде Русија има значителна артилериска предност.
Украинските војници кои остануваат во Северодонецк мора „да се предадат или да умрат“, изјави воен претставник на самопрогласената „Донецка Народна Република“.
Говорејќи за медиумите во Донецк, Едуард Басурин рече дека украинските сили нема да можат да го напуштат клучниот град, тврдејќи дека последниот мост што го поврзува со соседниот град Лисичанск е уништен.
„Украинските дивизии што се таму, тие ќе останат засекога“, рече тој.
Басурин вели дека украинските војници мора „да се предадат или да умрат“, бидејќи „нема друга опција“.