Зелен хуман град: Го одбиваме буџетот на Град Скопје за 2024 година


Зелен хуман град, кој во Советот на Град Скопје е застапен со двајца претставници, не поднесоа амандмани на Буџетот за 2024 година, туку решија потполно да го одбијат предложениот Буџет, затоа што во него се намалени ставките за заштита на животната средина, а велат амандманите ретко им се прифаќаат.

– Годишен буџет со 46 отсто намалени ставки за заштита на животна средина кога 5.600 луѓе во Македонијат годишно умираат од загаден воздух и буџет без точно кои средства за кои проекти ќе се користат – ние одбиваме!

Буџетот е круцијален документ кој мора да се носи во соработка со граѓаните и со советниците кои ги претставуваат нив. Тоа што ние сега го добиваме е документ изработен без никакво наше учество. За целото ова време додека најважниот документ за скопјани се составуваше зад затворени врати, на градските сектори им беше забрането директно да комуницираат со нас, советниците – појаснуваат од ЗХГ.

– Зошто ЗХГ одлучи да не поднесува амандмани, туку во целост да го одбие овој штетен буџет? Затоа што од изгласаните амандмани ниту еден до сега не бил комплетиран, а поголем дел од нив никогаш ни започнати (буџет 2021: 27 поднесени, 1 прифатен, 0 остварени; буџет 2022: 33 поднесени, 5 прифатени, 0 остварени; 2023 година: 13 поднесени, 4 прифатени, 0 остварени).

Овој пат одбиваме да се радуваме на поднесени и изгласани амандмани, кои нема да бидат повторно спроведени од градската администрација. Одбиваме да ги разочараме граѓаните кои ни ја дадоа нивната поддршка надевајќи се на решение на најголемиот проблем на Скопје – велат тие.

За да гласаат за буџетот бараат да се организира средба помеѓу секторите, градоначалничката и сите советници, и буџетот заеднички да биде составен; да се добие т.н. „описен дел“ од буџетот каде што се гледа точно колку средства се планирани за секој проект поединечно; да се дозволи директна соработка со секторите, без потреба од присуство или зелено светло од градоначалник (нешто што ни следува според деловник); да се комплетираат проектите започнати со амандмани од претходните 2 години
и да се вклучат во буџет бројни и ефективни мерки за намалување на аерозагадувањето според барањата на ЗХГ.

Сметаат дека иако се само двајца совеници од 45, сепак застапуваат 10.000 скопјани кои гласаа за ЗХГ.