Зеле пари од државата преку мерката плати за работниците, но не им ја исплатиле


Злоупотреби на добиените средства од финансиската поддршка од државата за исплата на плата на вработените откри анализата на Управата за јавни приходи преку која се спроведуваше владината мерка чија основа цел беше да се задржат што повеќе вработени на работните места. Станува збор за 281 работодавач во април кои не ја исполниле обврската за исплата на плата за 722 вработен и во мај 427 компании воопшто не исплатиле плата за 984 вработени, а добиле финансиска поддршка. Сто и дваесет даночни обврзници кои добиле финансиска поддршка не исплатиле плата за своите вработени и за месец април и за месец мај, а осум исплатиле помалку плата за двата месеца.

Наодите од анализата ги соопшти директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, која денес на прес конференција ги презентираше ефектите од владината мерка за поддршка на компаниите и на вработените.

„За месец април на 19.780 работодавачи им се исплатени вкупно 1.793.207.603 денари за вкупно 128.315 вработени. Вкупно 281 работодавач кои примиле финансиска поддршка за месец април, во износ од 9.995.565 денари не ја исполниле обврската за исплата на плата за 722 вработени“, рече Лукаревска.

Како што прецизира Лукаревска, овие работодавачи се од следните сектори: од дејноста трговија на мало се 62 фирми кои примиле финансиска помош од 1.715.262 денари и на 126 вработени не исплатиле плата за април. Од дејноста подготовка на оброци и служење на храна, 43 фирми примиле помош 1.249.452 денари и на 955 вработени не исплатиле плата за април. Од дејноста транспорт 24 фирми примиле помош од 630.750 денари и на 44 вработени не исплатиле плата за април. Од дејноста градежништво 17 фирми примиле помош од 660 738 денари и не им исплатиле плата за април на 48 вработени. Тука влегуваат и дејностите производство на облека, трговци на мало и големо, емитување на програма, објекти за сместување, и слично.

Најмногу фирми што не исплатиле плата се од Скопје (84 фирми), од Тетово 38, Струга 20, Гостивар 23 и Куманово 16, рече Лукаревска.

Вкупно 76 даночни обвврзници за дел од своите вработени побарале финансиска поддршка преку конечна пресметка, а за дел со исправка и за 1.121 вработен примиле финансиска поддршка во износ од 15.111.700 денари, но не извршиле исплата на износот на плата по поднесените исправки во вкупен износ од 172.790 денари, рече директорката на УЈП. Овие компании се од дејностите градежништво, производство на мебел, транспорт, објекти за сместување, производство и слично. Најголем дел се од Тетово 27, Гостивар 11, и Скопје 5 компании.

Во мај годинава на 19.938 работодавачи им биле исплатени вкупно 1.666.373.597 денари за 119.182 вработени. За овој месец вкупно 427 компании воопшто не исплатиле плата за 984 вработени, а добиле финансиска поддршка од 13.698.998 денари. Од нив 84 фирми биле од дејноста трговија на мало кои примиле финансиска помош од 2.160.248 денари и на 160 вработени не исплатиле плата за мај, 66 фирми од дејноста подготовка на оброци и служење храна примиле 2.052.240 денари и на 150 вработени не исплатиле плата за мај, 35 фирми од транспорт кои примиле 920.750 денари и на 65 вработени не исплатиле плата, осум од нискоградба кои (не исплатиле плата на 77 вработени), а останатите се од градежништво, производство, емитување на програма,трговија на големо и мало и сл. Од Скопје биле 110 фирми, од Тетово 61, од  Струга 28, Гостивар 34, Куманово 21, Струмица 10 и Битола 15.

Триесет и четири даночни овбврзници, кои за дел од своите вработени побарале финансиска поддршка преку конечна пресметка, а за дел со исправка и за 913 вработени примиле финансиска поддршка во износ од 13.208.438 денари, но не извршиле исплата на износот на плата по поднесените исправки во вкупен износ од 102.593 денари. Овие компании се од дејностите градежништво, образование, подготовка на оброци и служење на храна, транспорт, објекти за сместување, производство и слично. Најголем дел се од Скопје 5 компании, Тетово 3 и од другите по една.

„За месец мај 1.816 работодавачи за 25.590 лица за кои примиле финансиска поддршка имаат извршено задржување на средства од плата од вкупно 40.069.247 денари. И овие податоци, како и за месец април ќе ги доставиме до Министерството за трууд и социјална политика со цел да се утврди основаноста на задржаните средства“, рече Лукаревска.

На работодавачите кои што користеле финансиска поддршка а не извршиле исплата на плата, доставени им се опомени и доколку не извршат исплата на плата во законски определениот рок, ќе следи постапка за присилна наплата. Исто така, Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување во ваков случај предвидува изрекување глоба, а работодавачот ќе биде задолжен да ги врати финансиските средства во целост заедно со камата, дополни таа.

Во текот на април и мај 120 даночни обврзници, односно работодаавачи кои добиле финансиска поддршка од државата за исплата на плата, не исплатиле плата за своите вработени, а осум компании исплатиле помалку плата за двата месеца од предвиденото.

Лукаревска исто така рече дека во јуни финансиска поддршка од владината мерка им била одобрена на 17.905 компании на кои им биле исплатени 1.404.470.647 денари за вкупно 101.148 вработени.

„Во тек се анализите за искористеноста на финансиската поддршка за овој месец по што ќе ги соопштиме и на јавноста“, рече таа.

Владината мерка за поддршка за исплата на платите има за цел да се задржат работните места.

Директорката Лукаревска апелираше до работодавачите кои ја добиле финансиската поддршка, а не ја исплатиле кон работниците тоа да го сторат пред јавно да бидат објавени.

„Апелирам до сите работодавачи што не ја испочитувале оваа законска одредба да го направат тоа кон своите вработени, бидејќи целта беше да се зачуваат работните места, а не парите да ги земат работодавачите. Да го направат тоа пред да бидат јавно објавени“, истакна Лукаревска, појаснувајќи дека иако рокот за исплата е поминат, ова законско право треба да го остварат работниците.

Доколку не се постапи и по денешниот апел, Лукаревска рече дека УЈП е веќе во координација со Државниот инспекторат за труд со цел да се преземат мерките кои се законски предвидени, а кои предвидуваат присилна наплата, глоби и враќање на средствата назад, бидејќи станува збор за буџетски средства. (М.Ј.)