Зеќири: Коалицијата на СДСМ со БЕСА е историски момент

Оценувајќи ја предизборната коалиција на СДСМ и Беса, потпретседателот на СДСМ синоќа изјави дека тоа историски момент за македонското општество. „Не само јас, туку и сите во партијата (СДСМ) и граѓаните се горди што дојдовме до овој момент да коалицираме пред избори. До 2016-та можеше само да се сонува вакво нешто. Другите не веруваа ниту во тоа дека почнаа албански гласови да одат за македонска партија, но се случи. Ова е историски момент кога две партии од различна етничка заедница ќе настапат заеднички на избори“, изјави Зеќири во емисијата „Вин-вин“ на Телма.

Зборувајќи за очекувањата од изборните резултати Зеќири изрази увереност дека коалицијата на СДСМ ќе победи.

Тој соопшти и некои детали што се случувало во Собранието кога требаше да се гласа Законот за јавно обвинителство.

„За прв пат јавно ќе кажам дека пратеници на ВМРО ДППМНЕ, меѓу кои и Илија Димовски и Антонио Милошоски, трчаа низ ходниците на Собранието и убедуваа пратеници да не го гласаат Законот за јавно обвинителство. Но ние бевме решени, дека пред да се распишат изборите мораме да ги донесеме клучните закони. Како може да одиме на избори без да ги спасиме предметите на СЈО“, рече Мухамед Зеќири и дополни дека такви обиди имало и од некои пратеници од ДУИ, без оглед што потоа тие гласаа за законот.