Зекири поднесе неотповиклива оставка од функцијата генерален секретар на Владата

Оставката на Зекири следува по отворањето на истражна постапка на обвинителството за злоупотреба на службената должност и овластувања


 

Генералниот секретар на Владата Мухамед Зекири денеска на својот Фејсбук профил објави дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата.

„Почитуван претседател на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски. Низ мојот работен век секогаш сум го одбирал вистинскиот пат, патот на чесноста, праведноста и вистината. На овие мои животни вредности сакам да останам доследен. Затоа, како човек со личен интегритет, ја поднесувам мојата неотповиклива оставка од функцијата генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија“, напиша Зекири.

Тој напомена оти верува во институциите на системот, во правичноста и праведноста и верува дека вистината ќе излезе на виделина. Како што истакна, на сите институции им стои на располагање во секое време, за да ја докаже својата невиност.

„Почитуван претседателе, Ви благодарам на укажаната можност да бидам дел од Вашиот владин состав и Ви благодарам што верувате во мојата заложба и посветеност во работата“, наведува Зекири на Фејсбук.

„Ја почитувам одлуката на Мухамед Зекири да се повлече од функцијата. Тоа е акт на политичка одговорност. Владата во најскоро време ќе започне постапка за избор на нов генерален секретар“, изјави за МИА премиерот Димитар Ковачевски.

Оставката на Зекири следува откако Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба „за спроведување истражна постапка против двајца хрватски државјани и висок функционер во Владата на РСМ во својство на службено лице, осомничен дека сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување“.

Обвинителката Вилма Рускоска денеска изјави дека предметот за истрагата за проневера која е покрената против генералниот секретар на Владата Мухамед Зекири и уште двајца хрватски државјани, Обивнителството го добило во втората половина на 2021 година.