Зекири: Патриотизмот на ДУИ трае колку и кампањата

Мухамед Зекири од СДСМ им се обрати вечерва на младите административци повикувајќи ги да не се плашат од уцените на ДУИ дека, ако не гласаат за нив, ќе ги изгубат работните места.

-Слушам ДУИ почнале да се јавуваат на младите административци дека, ако не бидат избрани, ќе бидат отпуштени од  работа. Ви порачувам, ДУИ не е ваш сопственик, излезете и гласајте на 15 јули. Влакно нема да ви фали од главата ако гласате така како што мислите, порача Зекири од митингот на СДСМ во Гази Баба.

-ДУИ со ова уште еднаш го покажува вистинското лице, така што  се заканува и уценува. ДУИ, како и ВМРО-ДПМНЕ, не нудат ништо освен минато.Подгреваат етнички тензии бидејќи немаат што друго да понудат, но тоа нема да им успее зошто граѓаните нема да дозволат. Нивниот патриотизам трае 20 дена, додека трае кампањата, потоа го гледаат само личниот интерес, порача Зекири од митингот.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пак порача дека  ДУИ не се борат за едно општество туку само за пари и за власт.

-Работев со нив, видов дека им е потребно поминување во опозиција. Немаме предрасуди, око нема да ни трепне ако имаме квалитетен кандидат од било која заедница, рече Заев за идејата премиер Албанец.

-Сите сме исти, сите имаме деца за гледање, сите сакаме да им оставиме подобро утре. И сега гледаат дека губат, и поставуваат услов Албанец. Никој повеќе нема да ја условува татковината. Само граѓаните ќе решат кој ќе биде премиер и кој ќе биде министер…Со заокружувањето вие одлучувате кој ќе биде тоа. Светот влезе во четврта индустријализација, во дигитализација, за неколку саати сте во Токио, а ние овде се уште цапкаме во кал. Времето на национализмот и лажниот патриотизам заврши. Најдобар патриот е тој што кога треба има храброст да носи одлука, а не  да калкулира, рече Заев. (С.Ј.)