Зекири излезе од Инфективна, Лукаревска по два негативни теста се враќа на работа


Потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири, на Фејсбук објави дека ја напуштил Клиниката за инфективни болести и дека со неговото семејство се дома и, како што вели, живи и здрави. И директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, преку Фејсбук соопшти дека по два негативни теста се враќа на работа.

Со ФБ-статусот Зекири им се заблагодари на докторите и медицинскиот персонал од Клиникатата кои биле со нив, како што вели, во најтешките времиња и 24 часа во служба на хоспитализираните пациенти.

Тој порачува дека само со сериозен пристап кон алармантната ситуација низ која поминува општеството, со свест и совест, може да се спасиме себеси, блиските и други недолжни луѓе.

„Искрено посакувам ниту еден од вас да не мора да помине низ тоа што го поминав јас со моето семејство. Тоа не би му го посакал ниту на мојот најголем непријател. На оние кои и натаму мислат дека вирусот не постои и сѐ уште имаат несериозен пристап кон Ковид-19, сакам да им порачам дека е крајно време да се освестат“, напиша Зекири на Фејсбук.

Лукаревска, пак, беше на домашно лекување, бидејќи иако имаше позитивен тест, немаше симптоми на болеста.
„По два негативни тестови за корона вирусот, се враќам на моите секојдневни обврски. Сакам од срце да им се заблагодарам на сите кои ми дадоа поддршка овој период – морална и функционална“, напиша таа на Фејсбук.
„По ова искуство сакам да упатам порака до сите наши сограѓани – бидете одговорни, но и солидарни. Ова е вирус кој може да допре до секој од нас. Да бидеме многу внимателни, да ги заштитиме нашите блиски и сите сограѓани. Да подадеме рака и да дадеме силна поддршка на оние кои се соочуваат со вирусот, заедно со сите опасности кои ги носи“, вели Лукаревска.
Таа, исто така, упати благодарност до здравствените работници и апел да им помогнеме со тоа што ќе продолжиме да ги почитуваме мерките.