Здруженија за заштита на животните апелираат за нивно вклучување во работните групи за решавање на проблемот со бездомните животни


Фото: Б. Грданоски

Четири здруженија за заштита на животните од различни градови во земјава преку соопштение реагираат поради, како што наведуваат, нивната исклученост од страна на Центарот за управување со кризи од координативните средби поврзани со контрола на популацијата на бездомните животни.

Тие посочуваат дека на прес-конференцијата на ЦУК на 8-ми минатиот месец, на тема бездомни животни, изјавите дадени од страна на директорот Стојанче Ангелов индицирале исклученост на здруженијата за заштита на животните и дека тој при тоа соопштил уште една низа бесцелни мерки кои нема да направат никакво подобрувањето на состојбата во земјата. Поради тоа, на 5 декември, поднеле барање за вклучување во работните групи поврзани токму со темата која е основна причина за нивното постоење, но не добиле одговор.

-Иако, безбедноста на граѓаните наводно е ставена на прво место, граѓаните кои вложуваат најмногу средства, време и имаат најголем импакт во намалувањето на популацијата на бездомни животни, се игнорирани во координативните средби со претставници на МВР, АХВ, на ЗЕЛС, на Град Скопје, на Лајка, Ветеринарна комора и Кинолошкиот сојуз. Се прашуваме каков исход ќе имаат овие работни групи кога дел од нив се истите институции кои потфрлаат да се справат со овој комплексен децениски проблем, исто како што потфрлаат да го вклучат граѓанскиот сектор во донесувањето одлуки, стои во соопштението.

Во барањето поднесено минатиот месец до ЦУК, здруженијата меѓу другото наведуваат дека „доколку работните групи не се креирани со цел за лажно претставување во јавноста дека некако се работи на проблематиката и постои искрена волја да се пронајде долгорочно, хумано и оддржливо решение, неопходно е континуирано вклучување на групите активисти и здруженија во секоја активност и планирање“.

Потписници на соопштението се Асоцијацијата за згрижување и вдомување на бездомни животни БЕЗДОМНИ ЖИВОТНИ БЕЗ ГРАНИЦИ Скопје, Здружението за заштита на животни АНИМАЛ ЛАВЕРС Струмица, Граѓанската Иницијатива-Кане Корзо – Надеж од Скопје и Здружението за заштита на животни Гласот на животните од Велес.