Здруженија и синдикати бараат казни и присилна наплата за фирмите кои зеле државна помош, а не исплатиле плати


Повеќе здруженија и синдикати денеска преку заедничко сооштение реагираат на тоа што одредени фирми кои и покрај тоа што добиле државна помош не ја исполниле обврската за плати на своите вработени. Тие бараат Управата за јавни приходи (УЈП) да изврши присилна наплата на платите, а компаниите да бидат казнети.

-Силно ги осудуваме сите работодавачи кои примиле финансиска поддршка од државата, а не ја исполниле обврската за исплата на плати на своите вработени. Целта на државната финансиска поддршка утврдена со владината уредба за справување со кризата предизвикана од КОВИД-19 беше да се зачуваат работните места на работниците, а не работодавачите незаконски да профитираат на грбот на работниците за време најголемата здравствена, социјална и финансиска криза со која се соочуваме. Сметаме дека ваквото однесување на работодавачите е недозволиво, неправедно, незаконско и нехумано, се вели во соопштението.

Здруженијата и синдикатите бараат УЈП без одложување и во најкус можен рок, согласно своите законски овластувања, да изврши присилна наплата на платите на работниците во фирмите кои добиле државна финансиска поддршка, а не ја исполниле обврската за исплата на плати во месеците за кои ја земале поддршката или исплатиле помалку плата за тие месеци. Исто така, бараат УЈП, во соработка со Државниот инспекторат за труд, а согласно Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, на тие работодавачи да им изрече глоба за сторен прекршок и да ги задолжи  да ги вратат добиените државни финансиски средства.

-Бараме Основното јавно обвинителство да покрене постапка по допрен глас против сите работодавачи кои добиле државна финансиска поддршка, а не им исплатиле плати на своите работодавачи за сторено кривично дело измама по чл. 247 од Кривичниот законик. Владата на Република Северна Македонија како носител на мерката и исплатувач на државната финансиска поддршка јавно да ги објави фирмите кои ја користеле државната финансиска поддршка, а не им исплатиле плати на своите вработени, посочуваат од синдикатите и здруженијата.

Во иднина, предлагаат оттаму, сите финансиски мерки за помош и поддршка на работниците да им се исплаќаат директно на работниците, а не на работодавачите, за да се избегнат вакви и слични злоупотреби. 

Заедничкото соопштение е од Конфедерација на синдикални организации на Македонија (КСОМ), Синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Независен академски синдикат (НАкС), Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ), Синдикат на македонската дипломатска служба (СМДС), Хелсиншки комитет за човекови права, Здружение на граѓани „Гласен Текстилец“, Левичарско движење „Солидарност“, ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена и Субверзивен фронт.