Здружението на судии разочарано од Уставниот суд, го обвинува за популизам
Судиите го обвинуваат Уставниот суд дека носи одлуки спротивни на уставот и дека ѝ се додворува на законодавната власт

Отфрлањето на иницијативата на Здружението на судии на РСМ и Судскиот совет на РСМ за поништување на одредбите од Законот за плати на судии од страна на Уставниот суд на РСМ, е скандалозно, неприфатливо и го урива правниот систем на државата, се наведува во денешното соопштение од Здружението на судии.
„Во однос на одлуката на Уставниот суд на РСМ со У.бр. 122/24 и 123/24 по повод иницијативата на Здружението на судии на РСМ и Судскиот совет на РСМ, како Здружение на судии (ЗСРСМ) ја известуваме јавноста дека согласно чл.108 од Уставот, Уставниот суд е државен орган кој ја штити уставноста и законитоста, а согласно чл. 52 – законите не може да имаат повратно дејствие, освен по исклучок, кога тоа е поповолно за граѓаните“, велат од ЗСРСМ.
Оттаму посочуваат дека како Здружение на судии се разочарани од Уставниот суд кој наместо да ја штити уставноста на законите, се занимава со популизам и носи одлуки кои се директно спротивни на Уставот, притоа создавајќи правна несигурност, со можни далекусежни последици по судскиот систем и правната држава.
„Отфрлањето на иницијативата за поништување на одредбите од Законот за плати на судии, кој е донесен на 29 февруари 2024 година, а почнува да се применува ретроактивно од 1 февруари 2024 година, е скандалозно, неприфатливо и defacto го урива правниот систем на државата. Оваа одлука е исклучително опасна за правниот систем, бидејќи овозможува ретроактивна примена на законите, без исклучоци. Па во таа смисла во иднина би се овозможило бројни манипулации, но и злоупотреби при примена на законите кои ги регулираат правата и обврските на сите граѓани, а воедно би се создала правна несигурност во право раздавањето, што е спротивно од заложбите на РСМ како и на преземените меѓународни обврски на државата“, велат од Здружението на судии.
Во соопштението се додава дека согласно одлуката на Уставниот суд на РСМ: „Донесувањето на оспорените измени и други наведени измени на законите беше резултат на реакција на јавноста по зголемување на платите на функционерите“, па во тој правец, како што додаваат од Здружение на судии, потребно е да се напомене дека платите на судиите од 2012 година се замрзнати иако во меѓувреме просечната плата во земјата двојно се зголеми. Затоа, како што истакнуваат од Здружение на судии, не треба да се манипулира со никакво зголемување на платите, туку станува збор за законитo пресметување.
„Секако најзагрижувачко во одлуката на Уставниот суд е неговото игнорирање на недозволеното ретроактивно дејство во оспорениот закон. Имено, иако судот, неразбирливо ја цитира одредбата од чл. 52, не дава образложение како применетото ретроактивно дејствие со кое се намалува плата на одредена група граѓани е поповолно за граѓаните. Истакнуваме дека само зголемување на платите на одредена категорија граѓани може да биде исклучок за примена на ретроактивност при носење на законите бидејќи само тогаш тие се по поволно за граѓаните“, нагласуваат од Здружението на судии.
Во таа смисла, од Здружението на судии информираат дека ќе поднесеат нова иницијатива за оценка на уставноста на Законот за плати на судиите и тоа исклучиво по однос оваа околност (ретроактивната примена на Законот), сметајќи дека не станува збор за res judicata (пресудена работа).
Здружението на судии бара од Уставниот суд кој, како што стои во соопштението, не е дел од судската власт туку претставува државен орган, а нејзините членови (професори, правници, обвинители па и судии) кои се избрани од законодавецот – Собранието на РСМ, да не се додворува на законодавната власт, да не носи незаконити одлуки и да не ја поткопува и девалвира судската власт.