Здружението на инженери достави иницијатива до Владата и Собранието за изградба на ПАХЕ Чебрен со сопствени средства


Здружението на инженери на Република Македонија денеска до Владата и до Собранието достави Иницијатива за донесување на Закон за изградба на ПАХЕ Чебрен со, како што велат, македонски сили.

Здружението на инженери во изминатиот период реагираше до надлежните институции во врска со 14. тендер за изградба на хидроцентралата Чебрен кој пропадна откако грчката компанија „ППЦ Архиродон“, која лани на 14 септември беше избрана за најдобар понудувач, не ја продолжи банкарската гаранција што и важеше до 31 декември 2023 година . При тоа од Здружението порачаа дека Чебрен треба да се гради со сопствени средства од државата, а не по пат на јавно–приватно партнерство, бидејќи станува збор пред се за водостопански, а потоа за енергетски проект. Изразија сомневање дека се направени суштински, правни, економски и стручно-научни недостатоци во постапката при подготовка и реализација на тендерот за доделување концесија за користење вода за производство на струја со изградба на хидроелектраните на Црна Река. 

-Бидејќи премиерот јавно нѐ повика да ги доставиме забелешките за проектот Чебрен, по што во јавноста најавивме дека ќе покренеме соодветна иницијатива, Ве известуваме дека денес до Владата и Собранието ја доставивме Иницијативата за донесување на Закон за изградба на Чебрен со македонски сили, посочуваат од Здружението на инженери.