Здружението „Диван“ објави стихозбирка „Мостови на пријателство 6“


 

Здружението „Диван“ по шести пат објави стихозбирка „Мостови на пријателство“, традиционално по повод 28 Септември – Меѓународниот ден на Бошњаците. Во годинашната збирка се застапени песни од 112 автори кои во нив пренесуваат универзални пораки за љубов, мир, разбирање и почитување меѓу луѓето.

-Со оглед на фактот што писателите припадници на помалобројните заедници, особено Бошњаците, се среќаваат со потешкотии во објавувањето книги на својот мајчин јазик, а многу често делуваат и изолирано, преку вакви изданија поддржани од Министерството за култура се зближуваат и писателите од различни заедници кои пишуваат на различни јазици, соопшти Здружението „Диван“.

Поетесата и претседателка на Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“, Лили Арсова, во рецензијата за новата поетската книга вели дека зборникот „Мостови на пријателството“ веќе е  препознатлив кај писателската фела не само во нашата држава, туку и надвор од нејзните граници.

– Реномиран зборник кој го негува пишаниот збор и претставува извонреден пример што има универзални димензии како се градат мостовите на пријателство. Уредниците продолжуваат да ја негуваат благородната мисија на зборникот и да градат цврсти темели и несебично даваат свој придонес во збогатување на книжевната и културната разноликост, пишува рецензентката.

„Здружението „Диван“ работи на промоција и афирмација на културните вредности на граѓаните, особено на културните работници припадници на заедниците, меѓу кои творат и голем број писатели Бошњаци, на македонски и босански јазик.

-Со вакво издание сакаме да ги афирмираме и претставиме на македонската јавност, а новата книга ќе го збогати македонското и бошњачкото, но и книжевното творештво на припадниците на другите заедници. Веруваме дека и пораките за градење мостови на пријателство го зголемуваат значењето на Денот на Бошњаците и се најубава честитка до нив и до сите граѓани, вели Сафета Цуцак, претседателка на „Диван“.