Здравствени работници во Куманово повторно позитивни на Ковид-19


Двајца здравствени работници од Куманово, кои го прележале корона вирусот повторно заболеле, јави 24 вести.

Медицинска сестра и болничарка од кумановската болница кои првично, во април, го добиле вирусот и оздравеле, сега повторно им е дијагностициран Ковид-19.

Медицинската сестра првиот пат кога заболела немала симптоми и после два негативни теста повторно се вратила на работа. Вториот пат кога и бил потврден вирусот развила симптоми. Болничарката пак која што првиот пат имала симптоми сега имала многу лесна клиничка слика. Открила дека повторно го има вирусот откако отишла да дарува крвна плазма и за време на процедурата направила ПЦР тест кој што излегол позитивен.

„Првата што беше позитивна болничарката што отиде да даде плазма, за да помогне некому кој што е болен од Ковид-19, таа откри случајно при правење на ПЦР тест, значи беше без симптоми и откри дека е позитивна“, вели д-р Снежана Захариева – директорка на Општа Болница Куманово.

Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека вакви примери имало и во други земји каде што оздравени пациенти повторно заболеле од коронавирусот, но вели дека допрва треба да се направат истражувања, со оглед на тоа што вирусот е се уште непознат.

„Има еден случај којшто треба да се потврди во Куманово, но во светот има веќе такви потврдени случаи. На што се должи тоа, сега во овој момент науката сѐ уште не одговорила со сигурност. Има некои иницијални докази дека станува збор за некаква форма на мутација на вирусот. Каква е таа форма, дали е силно или послабо изразена, сѐ уште нема докази“, вели Филипче.

Ова се први случаи на повторно заболени од корона вирус во земјава.