Здравко Чолиќ доби 10 –ка од фудбалскиот национален тим


Балканската поп-ѕвезда Здравко Чолиќ (67), им приреди големо изненадување на македонските фудбалски репрезентативци, на утринскиот тренинг на селекцијата.

Македонија се подготвува за јунскиот квалификациски циклус за ЕУРО 2020 година, а своја поддршка ќе има од легендарниот пејач.

За возврат, Чолиќ доби подарок дрес од нашиот национален тим со бројот десет на грбот и неговото презиме.

Чола, по ланските два спектакуларни концерти во ВИП-арената, за 15 јуни најавува  концерт на Градски стадион. Специјален сообраќаен режим ќе биде организиран пред почетокот на концертот. Вратите ќе бидат отворени од 17 часот, а се очекува 60-илјадна публика од земјата и регионот.

Фото: Б. Грданоски

Пред концертот во Скопје, Здравко веќе неколку пати престојуваше во главниот град и одржа средба со новинарите на која разговараше за деталите околу концертот, за Евровизија, музиката…

Како редовен гостин во Скопје, Здравко се радува на концертот на отворено, се надева на убаво време, а организаторот „Прагма продукција“ вети невидена пиротехника на сцена, светлосни ефекти, гудачки оркестар и специјални гости.

-Секогаш сум среќен кога пеам пред македонската публика која ги сака моите песни. Пораката секогаш е љубов, мир, пријателство и заедништво. Колку се сеќавам, најпосетен концерт  ми беше тој во 2008 година, на плоштадот со англиската атракција „Шугар бејбс“ која се собра 120-илјадна публика, изјави на пресот Чолиќ.

Балканската поп-ѕвезда сѐ уште снима хитови и спотови, држи концерти кои се секогаш распродадени, изгледа одлично, брчките можат на прсти да му се избројат. Не е скандалозен тип, слободното време го минува со семејството и пријателите, сам ја избира гардеробата и во ланското интервју за „Независен весник“ откри за да биде во топ-форма, мора да има внатрешен мир. Не размислува за музичка пензија. Додека го служи телото и гласот, ќе пее и понатаму. (Л.С.)