Здравко Чолиќ доаѓа во Скопје со сопругата: Никој не знае како изгледа Александра


Балканската поп-ѕвезда Здравко Чолиќ (68) во Скопје ќе допатува од Белград заедно со сопругата Александра, пред најавениот спектакуларен концерт на Градскиот стадион в сабота. Ќе бидат сместени во елитниот хотел „Хилтон – дабл три“.

Речиси никој не знае како изгледа сопругата на Чола, како и неговите две ќерки Уна и Лара, кои исто така бегаат подалеку од очите на јавноста.

Во интервју Чолиќ раскажа како таа успеала да го освои.

– Секој маж сака некој да се грижи за него. Мислам дека тоа беше пресудно. Се запознавме во Макарска. Александра студираше во Белград, па продолживме да се гледаме, а подоцна почнавме и врска. Ме освои со својата едноставност и приврзаност. Ми се посвети, мисли на мене, се грижи со мене – раскажа пејачот за својата сопруга со која е во брак од 2001 година.

Чола е и посветен татко на две тинејџерки.

– Родителството е сериозна улога, ќерките се добро, сè уште се на училиште, и во период сме со училишни обврски, за што повеќе се грижи сопругата отколку јас. Тинејџерки се, но мора да се знае до каде се границите. Јас сум малку попопустлив, но жената е секогаш столб на куќата, така било некогаш, така ќе биде и сега. Не сум строг родител и тоа ми е единствен проблем. Денеска средината повеќе влијае на децата и младината отколку на домот. Ако сега поставите исправна граница, еден ден децата ќе ви бидат благодарни – раскажа тој.

Пред концертот во Скопје, Здравко веќе неколкупати престојуваше во главниот град и одржа средба со новинарите на која разговараше за деталите околу концертот, за Евровизија, музиката… Се дружеше со македонските фудбалски репрезентативци, а за возврат од Пандев доби подарок дрес од нашиот национален тим со бројот десет на грбот и неговото презиме.

Чола лани одржа два спектакуларни концерта во ВИП-арената, а за концертот в сабота ќе биде организиран специјален сообраќаен режим во Скопје. Вратите ќе бидат отворени од 17 часот, а се очекува 60-илјадна публика од земјата и регионот.

Како редовен гостин во Скопје, Здравко се радува на концертот на отворено, се надева на убаво време, а организаторот „Прагма продукција“ вети невидена пиротехника на сцена, светлосни ефекти, гудачки оркестар и специјални гости.

– Секогаш сум среќен кога пеам пред македонската публика, која ги сака моите песни. Пораката секогаш е љубов, мир, пријателство и заедништво. Колку што се сеќавам, најпосетен концерт ми беше тој во 2008 година, на плоштадот со англиската атракција, „Шугар бејбс“ кога се собра 120-илјадна публика – изјави Чолиќ на пресот во Скопје.

Балканската поп-ѕвезда сè уште снима хитови и спотови, држи концерти кои се секогаш распродадени, изгледа одлично, брчките можат на прсти да му се избројат. Не е скандалозен тип, слободното време го минува со семејството и пријателите, сам ја избира гардеробата и во ланското интервју за „Независен весник“ откри дека за да биде во топ-форма мора да има внатрешен мир. Не размислува за музичка пензија. Додека го служат телото и гласот, ќе пее и понатаму.(Л.С.)

Фото: Б. Грданоски