Здравјето нема цена, седете си дома – интервју со Весна Ѓиновска-Илкова, примадона


Лејла Сабит

Вежбањето на гласот и сега, во време на коронавирусот и е како кафе наутро. Вели, навиката си го прави своето. Примадоната Весна Ѓиновска-Илкова, првенец на Македонската опера и балет и редовен професор на ФМУ, која плени со својата моќна вокална и драмска изведба во текот на 25-годишната кариера, одговорно се однесува во екот на пандемијата па ни откри дека самоиницијативно е во изолација.

Се одлучи на тој потег за да го сочува своето, но и здравјето на нејзините најблиски-сопругот и двата сина.Се придружи на кампањата „СедиСиДома“ и ни откри како и поминува времето овие денови, откако на 18 март го откажа јубилејниот концерт во Филхармонија.


 *Борбата со коронавирусот е и ментална подготовка за новата ситуација која бара многу рационалност, сила и трпеливост а со тоа и да го промениме животниот стил и приоритетите. Како вие се придржувате на апелите за заштита од оваа болест?

-Исклучиво се држам до препораките не надлежните институции.Во оваа ситуација на светска пандемија не се потребни мудрувања,туку дисциплина, хигиена и седење дома.Станува збор за времена мерка,така што треба да биде испочитувана од страна на нас граѓаните.

*Како вие се соочивте со короната? Се исплашивте, се загриживте, бевте смирени?

-На самиот почеток со случувањата во Кина,бев загрижена но не верував дека ќе земе ваков замав.Кога се случи Италија,се исплашив. Прочитав и ислушав многу статии за вирусот и вирусолози кои имаат искуство со пандемии,и заклучив дека хигиената е на прво место и дисциплината,се додека не се најде вакцина…

*Кои лекции ги учиме во една вонредна состојба, со полициски час?

-Дека здравјето нема цена, болеста може секој да ја добие,односно вирусот, семејството е тоа кое што е најбитно. Се друго е небитно, најискрено.

* Како ви поминуваат деновите во изолација?

-На почетокот ми беше тешко,бев со една набиена агенда поради концертот кој требаше да биде на 18 март,но како поминаа првите денови,сватив дека заедно со Баги комуникации (организаторот на концертот) донесовме правилна одлука.Сега дома навистина имам прилично работа.Подготвувам нов материјал,се дружиме со децата, играме карти, шах, табла…

Фото: Роберт Атанасовски

*Со кого редовно се слушате?

-Со другарките. Децата ни студираат сите на различни места,па додека дојдоа каде се, дали се во ред, дали се здрави…

*Што најмногу ви недостасува сега?

-Ми недостасува движењето на планина.Постојано планинариме,или пешачиме.Тоа, друго ништо.

*Имате ли посебна исхрана во овие услови или се придржувате на истите животни навики како оперска певица и примадона?

-Исхраната ми е иста. Откако летово од здравствени причини ја променив исхраната,односно исфрлив тесто,се останато ми е исто. Храната треба да биде задоволство во ограничени количини.

*Дали сега, во изолација, го вежбате гласот дома?

-Да…постојано, секогаш.Тоа ми е како кафе наутро.Навиката си го прави своето.Телото има потреба од пеење,односно енергијата која е акумулирана во мене барам да ја реализирам. Тоа ми се случува многу често, доколку немам или не можам да работам. Исто како и кај спортот.

*А вежби за телото и духот ?

-Секако, заради празнење на енергијата, и заради кондиција.Не е гласот тој кој дава сила,туку телото.Со гласот раководи умот,што значи заштита од непотребни информации,заради фокус кон самиот вокал. А духот богами го полнам со многу смеење,а има материјал се уште…

*Што прво ќе направите кога ќе се стабилизира ситуацијата?

-Ќе ставам патики и правец Водно.Планината ме релаксира многу.И луѓето кои ги среќавам се поинакви,со спортски и ведар дух.А како велат,во здраво тело- здрав дух.

*Сите културни, музички и спортски настани во Македонија и во светот се одложени. И вие подготвувавте голем јубилеј-25 години од кариерата со пријателите на сцена во Филхармонија, но моравте да ја одложите заради короната. Дали го утврдивте новиот датум?

-Ќе биде наскоро известување за новиот датум на одржување на концертот. Официјално,со соопштение.

*Во ноември ја добивте највисоката државната награда „Св. Климент Охридски“ во областа на културата и уметноста. Што помисливте кога ви јавија дека сте добитник?

-Ме извести мој колега кој бил во комисијата.Бев пресреќна. Ете, ја испочитувале мојата работа, за што сум бескрајно благодарна.Продолжувам со мојата работа и понатаму не застанувам тука,иако свртев нов животен лист.

*Кои ролји најмногу ви лежат?

-Драмски улоги, каде што има можност да се искажам емотивно, она што длабоко го чувствувам. Не дека останатите фахови таа можност ја немаат,но сепак тоа ми става печат на мојата работа.

*Кој е вашиот ритуал пред настап на сцена?

-Ух,порано бев нервозна,напната…сега не.Не чувствувам таков притисок,но секаков вид на непотребен стрес ми пречи.Го загревам гласот претходно, се фокусирам на нотниот материјал,на самата улога, некои места кои ми се битни ги повторувам,се облекувам и излегувам на сцена.

*Имате ли неостварена желба на оперската сцена?

-Многу пати сум го кажала тоа.Вагнер е нешто што би сакала да се случи во операта. Сите оперски дела негови се ремек дела, така да сеедно кое би се поставило.

* Како ја примивте веста дека славниот тенор Пласидо Доминго сексуално вознемирувал жени?

-За оперските пејачи понекогаш е резервирано и црното столче, она каде е казната.Таа информација одеше некаде пред една година,а јас лично бев изненадена,но ја земав со резерва. Големи пари се во прашање, музички бизнис и тука има се и сешто. На тоа ако се додаде неговата слава и величина…Некаде скоро прочитав дека се извинил.Но, несомнено е еден од оние кои создале многу светски оперски звезди.