„Збунети компаси“ – нова стихозбирка од Зоран Анчевски


Во кафе-книжарницата „Буква“ вечер во 20 часот ќе се одржи промоцијата на стихозбирката „Збунети компаси“ од Зоран Анчевски. Станува збор за 10 книга во едицијата „Поеза“ на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ.

Како што информираат од тимот збирката поезија „Збунети компаси“ од Зоран Анчевски се состои од пет циклуси песни кои градат многу занимливи меѓусебни врски, но и деликатни, дискретни, а суштински врски со претходното поетско творештво на Анчевски. Првиот циклус ги поставува поетичките начела и креда на поетот, а четирите циклуси што следат ги разработуваат истите во најразлични детали, ситуации и контексти. Завршниот циклус, пак, наместо да прави заклучоци и поетски „резимеа“ на изнесените начела, всушност, многу умешно и мудро, го враќа читателот на почетокот и бара нов прочит на книгата.

Зоран Анчевски (1954) е поет, есеист, литературен преведувач и професор по англо-американска литература. Своето образование го стекнал во Македонија и во САД. Досега ги има објавено стихозбирките Патувања низ скршени слики, Стратегија на поразот, Линија на отпорот, Превод на мртвите, Див мир , Избрани песни / Selected Poems, изданија на македонски и на англиски јазик, Историја на ветрот, Небесна пантомима (2018, Celestial Pantomime, издание на англиски јазик, како и обемната критичко-теоретска студија За традицијата.