Зборот „македонски“ е секаде на саемот во Белград

Дадените 400 илјади евра, според Владата, се наменети за поддршка на македонските винарии и компании кои учествуваат на саемот, штопретставува директна поддршка на бизнисот.


Фото: Б. Грданоски

Придавката „македонски“ ја има секаде на промотивниот материјал на Саемот за храна, вино и туризам во Белград, а парите што се трошат за активностите таму се директна поддршка на бизнисот од што се очекуваат повеќекратни придобивки, изјавија од Владата за „360 степени“ по критиките на опозицијата за несразмерно трошење пари за овој настан и за наводното исфрлање на зборот „македонски“.

Во изјавата за „360 степени“ оттаму апелираат да не се ширеле невистини.

„Апелираме да не се шират невистини, кои ни носат само штета. Настанот во Белград е значаен за промоција и поддршка на македонската економија и извозниот потенцијал на македонските вина и храна, но и важен за развој на туризмот како и за поврзување и заедничка соработка на земјите од регионот. Придавката ’македонски‘ може да се види секаде на промотивен материјал и е составен дел од сите материјали со кои се промовираат македонските производи, храна, вино и туризам. Сите досега објавени материјали во јавноста ја содржат таа придавка и истата е составен дел од материјалите на другите јазици“.

Големите пари, 400 илјади евра, според Владата биле наменети за поддршка на македонските винарии и компании кои учествуваат на саемот, што била директна поддршка на бизнисот.

„Согласно сериозноста и обемот на Саемот, промоцијата е наменета да се поддржат македонските винарии вкупно 42, три дестилерии и 10-ина производители на храна, како и промоција на туризмот, што е промоција на нашата економија. Буџетот опфаќа повеќе активности како што е посебниот настан ’Македонска вечер‘ со 400 посетители, бизнис заедницата од регионот и пошироко на кој македонските компании ќе се вмрежуваат и ќе го прошират својот извозен потенцијал“, велат од Владата.

Во објаснувањето за што се трошат предвидените пари оттаму посочуваат дека промотивните материјали како видеа, прошири и кампања на социјалните мрежи се на повеќе јазици, се дистрибуираат во сите три земји кои се дел од Отворен Балкан (Албанија, Србија и Северна Македонија).

Најавениот регионален фестивал за претставување на винарии од земјава и регионот за 7 септември во Струмица, исто така, е дел од активностите за кои ќе се потроши дел од буџетот.