Зборник „Уште едно навраќање кон Конески“ од професорите Вера Стојчевска и Свето Стаменов


На стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески, во издание на Општина Струмица од печат излезе зборникот „Уште едно навраќање кон Конески“, што го приредија проф. д-р Вера Стојчевска – Антиќ и универзитетскиот професор Свето Стаменов.

– Овој зборник, со кој Општина Струмица ја одбележува стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески и со кој се заокружуваат активностите во рамките на манифестацијата „Струмица – Град на културата 2021“, всушност е своевидно продолжение на претходниот „Навраќање кон Конески“ што го приредија Свето Стаменов и проф. д-р Вера Стојчевска – Антиќ, со кој Општина Куманово во мај годинава ја одбележа стогодишнината од раѓањето на Конески, вели Стаменов.

Уредник на зборникот е доц. д-р Ана Витанова – Рингачава. Зборникот содржи 44 трудови на триесетина врвни познавачи на животот и делото на великанот Блаже Конески од земјава и од странство, кои секој од свој аспект фрлаат нова светлина врз творештвото на Конески, но кои во целина ќе предизвикаат нови проширени сфаќања и оценки за неговото грандиозно дело.

Она што дава посебен белег на Зборникот е тоа што во него се застапени и поголем број автори од помладата генерација од кои до право се очекува да го продолжат делото на великанот Конески.

Градоначалникот на Општина Струмица Костадин Костадинов, во името на издавачот – Општина Струмица, за Зборникот, меѓу другото, истакна дека претставува богат трезор, обемна збирка на лингвистички, книжевно – научни и културолошки проследувања и толкувања на делото на великанот.

– Конески веруваше во идејата дека длабоко проникнатата мисла и акцијата на поединецот, можат да направат културолошки пресврт, суштински важен за помалите народи, како што е македонскиот. Но, тој силно веруваше во моќта на малиот човек, оној кој живеел во нераскинливо единство со традицијата и од неа ја црпел силата да создава и да остава траги зад себе. Токму тој, Големиот од Небрегово, носејќи на себе товар од мудрост и знаење, црпени од мислата на своите предци, тргна да ги освои висините. Стигна до таму, до каде што неговите претходници сонуваа, до местото од кое тргна да се разгранува и да вишнее силниот збор на македонски јазик. Оттаму ги ископа пораките што ги вгради во својата „проста и строга македонска песна“ и ни ја остави како аманет, да се закрилиме во нејзините пазуви, секогаш кога некој ќе посегне по нашето најсвето, вели Костадинов.

Универзитетскиот професор и лингвист, Људмил Спасов кој е еден од рецензентите на „Навраќање кон Конески“ и на „Уште едно навраќање кон Конески“ во својата рецензија, меѓу другото, истакнува дека причината за објавување на овие два зборника не е само јубилејот на Конески – 100 години од неговото раѓање, туку таа е повеќезначна.

– Да се афирмира делото на Конески, да се покаже како оние што пишувале за Конески го восприемаат неговото дело, да се покаже тематската разновиднот и сето богатство на делото на Конески, да се покаже дека делото на Конески и еден од основните столбови на современата македонска култура, вели Спасов и додава дека Зборникот има важна задача, односно да ги подучи младите за Конески и да ги воспита на родољубие да ја ценат и сакаат македонската култура.

Вториот рецензент, универзитетскиот професор и лингвист, Димитар Пандов, пак, вели дека „Конески е еден од првите што во македонската слобода почна да ги чествува своите претходници.

– И не само да ги слави и прославува туку и да остава бележита и печатена трага низ времето. Конески се впрегна во одбележувањето на годишнините на патроните на македонската земја, ‒ на Климент Охридски, на страдалниците за македонскиот збор, ‒ на Миладиновци и на Прличев, на опитните преткодификатори на македонскиот јазик, особено на Крсте Петков Мисирков. Наша е сега можноста да го чествуваме Конески, не само пригодно туку и со бележит збор, збор што ќе остане навек во книга многуавторна, налик на оние средновековни кодекси на кои ниту забот на времето ниту прашината не им можат ништо, вели Пандов