Збогум за евтините летови во Европа
Брисел – Летните летови меѓу Велика Британија и земјите од ЕУ годинава се за третина поскапи од лани, но ова не е привремено флуктуација, туку нова реалност во Европа поради се построгите климатски регулативи.
Системот за тргување со емисии на Европската унија (EU ETS) бара од авиокомпаниите да купуваат карбонски компензации за секој метрички тон јаглерод диоксид што го испуштаат во атмосферата, а овие правила важат за летовите кои потекнуваат и завршуваат во Европската економска област, ОК и Швајцарија.
Според сегашните регулативи, авиокомпаниите добиваат околу половина од овие компензации бесплатно, но овој договор завршува во 2026 година, пишува Bloomberg. Почнувајќи од 2024 година, авиокомпаниите ќе плаќаат сè повеќе за јаглеродни отштети, а во рок од три години нивните трошоци ќе се тројно зголемени.
Промените во EU ETS ќе го намалат профитот на шесте главни нискобуџетни авиокомпании – Ryanair, EasyJet, Wizz Air, Vueling, Eurowings и Transavia за 77 отсто, а тоа ќе доведе до неизбежно зголемување на цените на билетите.
Воздухопловната индустрија, која произведува 2,5 отсто од емисиите на јаглерод диоксид во светот, според планот на ЕУ „Дестинација 2050“, ќе треба да се трансформира во следните три децении за загадувањето да се сведе на нула, а за да се постигнат овие цели, неопходни се инвестиции во инфраструктурата и воздухопловството на иднината, како и употреба на алтернативни горива и технологии кои го елиминираат јаглерод диоксидот.
Трошоците за оваа транзиција се проценуваат на огромни 820 милијарди евра до 2050 година. Поголемиот дел од технологијата на која се потпира планот „Дестинација 2050“, како што се електричен или водороден авион, сè уште не може да се користи.
Има многу непознати поврзани со оваа транзиција, но едно е сигурно: следните децении ќе бидат многу скапи и предизвикувачки за воздушниот сообраќај, заклучува Блумберг.