„Збогум сиромаштијо“ – Курц заминува да работи во Силиконската долина

Поранешниот австриски канцелар треба да биде врвен менаџер во контроверзната фирма за анализирање податоци „Палантир“


 

Како што се очекуваше со него, таблоидните медиуми во Австрија се тие кои ги објавуваат неговите планови за иднината: 35-годишниот поранешен канцелар Себастијан Курц очигледно наскоро ќе ќе замине во САД. Таблоидите „Кроненцајтунг“ и „Аустрија“ за божикниот викенд објавија на ист начин дека тој од февруари ќе започне врвна менаџерска работа во САД. Веб-страницата „Експрес“ додава дека идниот работодавач на Курц е компанијата за анализа на податоци „Палантир“. Американската компанија „Палантир“ нуди софтвер за анализа на големи количини на податоци и е доста контроверзна – не само поради соработката со тајната служба ЦИА.

Во „Палантир“, Курц би можел да се сретне со поранешната федерална менаџерка на солцијалдемократите, Лаура Рудас, која ја напушти политиката на 33-годишна возраст и работи таму од 2015 година.

Веста за новото вработување на австрискиот политичар доаѓа нешто помалку од три месеци откако Курц поради корупцискиот скандал беше принуден да поднесе оставка од функцијата австриски канцелар. Нова информација поврзана со аферата објавија австриските медиуми минатата недела. Во центарот на новите информации повторно е доверливиот човек на Курц, Томас Шмид и неговата врска со милионерот Зигфрид Волф.

Аферата го снајде Шмид на местото извршен директор на австрискиот државен холдинг, а пред тоа беше генерален секретар во Министерството за финансии што го водеше Ханс-Јерг Шелинг. И двајцата беа високи функционери на Австриската народна партија (ОВП) и се чини дека и двајцата биле вмешани во обид да ги обезбедат привилегиите на Волф во плаќањето даноци.

Полицијата извадила околу 300.000 пораки од мобилниот телефон на Шмид, кои тој ревносно ги избришал. Австриските медиуми сега речиси редовно ја објавуваат содржината на овие пораки, а една од нив ја испрати Шмид, тогаш генерален секретар на Министерството за финансии, до неговиот подреден кој протестираше против привилегираната позиција на Волф: „Не заборавајте, ти црнчиш во кабината на ОВП! Тоа значи дека си курва за богатите“.

Од овие пораки може да се прочита дека Волф морал да плати околу 11 милиони евра данок за неоданочен имот во Швајцарија. Шмид на крајот испраќа порака во која тврди дека со неговиот тогашен шеф, министерот Шелинг, е договорена исплата од 7 до 8 милиони евра.

Според она што сега е познато, токму пораките на Шмид на крајот ја прекинале неверојатната политичка кариера на Себастијан Курц.

Компанијата во која ќе работи во иднина, „Палантир“, често беше мета на критики за соработка со тајните служби и собирање и користење на големи количини лични податоци. Покрај американските безбедносни служби, Обединетото Кралство ги користи нивните алатки за собирање податоци за пациенти со корона, а данската полиција ги искористи нивните алатки за да развие систем кој предвидува области каде се очекува зголемување на криминалот.