Збогум Америка – учесник во нападот на Капитол побегна во Белорусија


Еван Нојман, Американец кој е обвинет за напад на полицијата за време на немирите на Капитол Хил на 6 јануари минатата година, се верува дека побегнал во Белорусија, соопшти американското државно обвинителство.
Според податоците на обвинителството од округот Колумбија, Нојман побегнал од САД на 16 февруари и „се верува дека моментално е во Белорусија“, пренесува Срна.
Американскиот портал „Дејли Бист“ минатиот месец напиша дека Нојман се појавил на белоруската телевизија во специјална емисија наречена „Збогум, Америка“, во која зборувал за неговото доаѓање во Минск.
За време на програмата, тој рече дека бара политички азил во Белорусија бидејќи Соединетите Држави повеќе не се земја на редот и законот.

Нојман е еден од повеќе од 220 обвинети за напад на безбедносните сили за време на упадот во зградата на Конгресот на 6 јануари.
Нојман (49) е обвинет за 14 точки од обвинението кои произлегуваат од опсадата на Капитол, извршена од поддржувачи на поранешниот претседател Доналд Трамп.
Нојман е од долината Мил во Калифорнија, а на снимките од надзорните камери на Капитол се гледа како носи гас-маска и стои недалеку од полицијата пред оградите поставени во западниот дел на зградата на Конгресот.

Еван Нојман со гас маска снимен од надзорните камери при упадот во Капитол

Според судските документи, тој подоцна ја симнал маската и викнал на полицијата дека е подготвен да умре, по што физички нападнал неколку полицајци и со метална ограда налетал на нив.
Упадот и опсадата на Капитол уследи по митингот што тогашниот претседател Доналд Трамп го одржа пред приврзаниците, кога во неколку наврати повтори дека претседателските избори биле исполнети со нерегуларности.
За време на немирите загинаа четири лица, а еден од полицајците почина следниот ден од повредите здобиени за време на одбраната на Конгресот. Стотици полицајци беа повредени.