Завршува интердисциплинарниот мултимедијален проект „Деструкција вода“


Со видео и концертен перформанс денеска во Струга завршува интердисциплинарниот мултимедијален проект „Деструкција вода“ на авторот Исмет Рамиќевиќ.

Во рамки на проектот ќе биде прикажана изложба на скулптури-музички инструменти во простор, а музичари ќе музицираат на скулптурите – музички инструменти застапени во повеќе светски култури и традиции.

Перформансот и изложбата ќе бидат претставени на платото пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, односно реката Црн Дрим.

Проектот, кој е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија, во својата основа носи длабоко хуманистичка порака.

– Содржи неколку елементи, кои авторот ги смета за суштински во насока на разјаснување на создавање на процесот на создавање. Симболичната сеприсутна деструкција може да се надмине и да премине во креација единствено преку космополитски и мултудисциплинарен пристап во уметноста, природата и општеството, односно човештвото, соопшти организаторот.

Проектот е повеќеслоен, а создадените инструменти, како што наведува, се вообличени во скулптури, реализирани во нестандардни материјали, димензии и милитантни облици од кои произлегува автентичен звук на изворниот музички инструмент.