Завршна конференција на проектот на Институтот „Европа за тебе“ за културното наследство на Валандово


Во Валандово денеска ќе се одржи завршна конференција на проектот „Свеста за своето Валандово 2020“, што го спроведуваше Институтoт за европски образовни, социо-културни и економски политики ЕВРОПА ЗА ТЕБЕ Скопје, со цел развивање на свеста кај младите, наставниците и локалното население за културното наследство и традицијата на Општина Валандово.

Проектот „Иднината на Валандово – младите ја развиваат свеста и љубовта кон сопствената култура, наследство,традиција и богатство – Свеста за своето Валандово II“ е поддржан од Министерството за култура на Северна Македонија, во соработка со Општина Валандово и е од национален интерес за културата во 2020 година, соопштија организаторите.

– Валандово и валандовско изобилуваат со историски и археолошки локалитети што се дел од културното наследство на нашата држава. Еден од најпознатите локалитети во тоа подрачје е Исар Марвинци, локалитет од коjшто се исцрпени голем број на артефакти и експонати, кои денес сочинуваат 70 отсто од поставката во новиот Археолошки музеј на Македонија. Бидејќи станува збор за исклучително значајни локалитети кои се доказ и показ за нашето постоење, потребно е истите да се афирмираат, и посебно кај најмладите, преку посета и запознавање со истите да се развие свеста и љубовта за сопственото културно наследство, велат од Институтот ЕВРОПА ЗА ТЕБЕ.

Оттаму посочуваат дека целта на проектот е преку посета на локалитетите од страна на младите но и на наставниот кадар од Општина на Валандово, како и посетата на музеи во Скопје, да се согледаат сите експонати и артефакти, како и спецификите на самите локалитети, со цел да се увиди нивната вредност и да се добијат дополнителни сознанија за нивното значење, а со самото тоа и иницирање на желбата на младите да се осознае повеќе за сопственото културно богатство.