Завршија СВП: Траен мост на пријателство и соработка на луѓето без предрасуди


Со традиционалното поетско читање “Мостови” синоќа завршија 59-те Струшки вечери на поезијата.
Почитувајќи ги протоколите за одржување на културни настани, СВП преку скратено и хибридно издание, и во вакви услови успеа да го одржи континуитетот на најстар поетски фестивал во светот.
Годинешниот добитник, израелскиот поет Амир Ор
Годинашен добитник на Златниот венец на поезијата е израелскиот поет Амир Ор.
Најпрестижното национално поетеско признание “Браќа Миладиновци” го доби 24- годишната Ива Дамјановски за книгата “Двоумење”. Таа е и најмладиот добитник на оваа награда досега.
Наградата “Мостови на Струга”, што СВП ја доделува во соработка за УНЕСКО за најдобро дебитантско остварување ја доби Мартина Стракова од Словачка.
Наградата “Стојан Христов” за најдобар поет од дијаспората ја доби Тања Кармзова Костиглоа од Франција. Признанието го доделува СВП во соработка со Агенцијата за иселеништво.

Генералниот секретар на Светската академија на поезијата, при УНЕСКО, Лаура Троиси спречена, поради откажаните летови,  во неможност лично да присуствува на Струшките вечери на поезијата, испрати своја порака во која упати честитки за одржувањето на 59-от Меѓународен фестивал на поезијата. 

Обраќајќи му се на директорот Тодорче Тасевски, Троиси, во име на институцијата и почесниот претседател Мохамед Надир Азиза, таа упати честитки за напорите за одржување на фестивалот и покрај спефицичните услови поради пандемијата на Ковид-19.

Со овој, пред сè, корисен чин, продолжувате со континуитетот на еден од најважните собири на поетите во светот, признат од УНЕСКО и другите институции за заштита на светското и европското културно наследство. „Струшките вечери на поезијата“, со нивниот концепт и намери, одамна не се само препознатлив културен феномен, промоција на културата и јазикот, условно кажано, на  малите нации, туку и траен мост на пријателство и соработка на луѓето без предрасуди и ограничувања. Заедно со просторот во кој се одржуваат, богатото историско и културно наследство, „Струшките вечери на поезијата“ се најдобриот амбасадор на културата, гостопримството и креативниот дух на македонскиот народ. Упатувам најдобри желби за целосен успех на фестивалот, порача Троиси.