Заврши заложничката драма во Москва, напаѓачот уапсен

Московската полиција го уапси непознатиот маж кој во зградата на „Алфа Банка“ во центарот на рускиот главен град држеше како заложници повеќе од пет лица. Во инцидентот немало жртви, објавија руските медиуми.

– Единицата за специјални операции изврши упад во филијалата на „Алфа Банка“ и го уапси напаѓачот кој се закануваше дека ќе активира експлозив, изјави неименуван извор за агенцијата ТАСС, додавајќи дека лицето кај себе имало лажна експлозивна направа.

Изворот наведува дека киднаперот е со „нарушено ментално здравје“ и ќе биде испратен на медицинско набљудување.

Непознат маж влезе во филијалата на „Алфа Банка“ во Москва и држеше како заложници најмалку пет луѓе, заканувајќи се дека ќе активира бомба, изјави за ТАСС извор од службата за вонредни ситуации.

Полицијата соопшти дека напаѓачот при влезот во банката имал кај себе кеса од компанијата за доставување храна Delivery Club, изјавувајќи дека во неа има бомба. Руските медиуми објавија дека тој бил облечен во униформа на компанијата, но од таму наведуваат дека немаат информација оти нивни работник држи заложници.