Заврши судењето за РЕК „Битола“, пресудата овој четврток

Адвокати на одбраната и застапникот на „Рудкоп“ со анегдоти и иронија зборуваа за медиумското известување


Од судењето за РЕК „Битола“

 

БИТОЛА – Заврши судскиот процес во кој му се суди на екс-директорот на РЕК „Битола“ Пеце Матевски и уште девет обвинети, и во кој е замрзнат имот од 3,5 милиони евра на битолската фирма „Рудкоп“, а пресудата се чека оваа недела.

Со сарказам и анегдоти насочени кон медиумското известување во јавноста, адвокати од Битола се послужија во завршните зборови, во судскиот процес во кој се обвинети вработени во РЕК „Битола“ и Бирото за јавни набавки, поврзани со незаконитости во тендерот за ископ на јаловина на фирмата „Рудкоп“, на бизнисменот Кирил Билјановски.  

Тоа веројатно беше насочено кон вашиот дописник, кој единствено известува од судењето со дозвола од Врховниот суд.

Вчера, на вториот дел од завршните зборови, најголем дел од адвокатите на обвинетите се обидоа со аргументи да ги бранат своите клиенти, но имаше и такви кои направија обид да го минимизираат значењето на јавноста и медиумското известување за судскиот случај.

На самиот почеток бранителот на двајца од обвинетите вработени во РЕК „Битола“, адвокатот Никола Главинче, пред судот кажа дека очекува законито постапување на судот, а не потребата да се задоволи јавноста.

„Одбраната е свесна под какви услови мора да го започне својот завршен збор. Ова рочиште следува по исцрпната и континуирана медиумска промоција на овој случај за кој постојано се пишува. Таквата состојба е јавен интерес, но убеден сум дека постапката во својот фокус ја нема потребата да се задоволи јавноста, туку правилно да се примени законот“, рече адвокатот Главинче.

Против „Рудкоп“ Битола како правно лице и против сопственикот Кирил Билјановски како физичко лице, нема обвинение, но во овој судски спор на барање на ОЈО Битола на фирмата ѝ се замрзнати 3,5 милиони евра, пари за кои обвинителството смета дека е оштетен комбинатот РЕК „Битола“, односно државата.

Во завршните зборови, застапникот на „Рудкоп“ и на бизнисменот Кирил Билјановски, адвокатот Игор Петковски со доза на иронија, преку анегдота од минатото, се обиде да создаде перцепција на необјективно информирање од судницата и притоа ја искористи шансата да ја пофали постапката на судијата дека постапил во „духот“ на законите.

Со својот наратив застапникот се обиде да ја ослабне тежината на сведочењето на сведокот на ОЈО, вработена во РЕК „Битола“. Сведокот претходно кажа: „Сè што ќе се ископа во границите на копот, а не е јаглен – е јаловина. Тоа се маси во кои нема корисни минерални суровини“, изјава што го поткрепува обвинението.

Зборувајќи околу изведувањето на доказите, адвокатот Петковски во завршните зборови рече:

„… се создаде мала конфузија кај присутните и во јавноста, кај граѓаните, па бевме сведоци во еден објавен текст на еден портал дека судијата во овој предмет дозволил вештачење на сведокот на обвинителството, што не одговара на фактичката ситуација која се одвиваше во самата судница. Така што, тоа беше добра можност да се потсетиме на една слична ситуација, кога пред 15 и повеќе години, при еден свечен настан на порибување на река Треска еден наш министер пред медиумите изјави дека е многу среќен што тој ден присуствувал на пошумување на пастрмката. Меѓутоа, во реалноста тоа е различно од перцепцијата која сака да се прикаже во јавноста. Судот сепак не дозволи исказот на сведокот да премине во исказ на вештак или технички советник со што постапи во духот на ЗКП“, рече адвокатот на фирмата „Рудкоп“.

Претходно, обвинителката Оливера Нечаковска во завршните зборови за договорот меѓу РЕК „Битола“ и „Руд Коп“ за ископ на јаловина во перидот 2022-2023 година кажа дека има незаконитости.

„Иако во чл. 14 од Договорот е прецизно предвидено дека договорот се склучува за периодот од 24 месеци или до исцрпување на вкупната вредност на договорот 708.000.000 денари со вклучен ДДВ, во зависност од тоа кој услов прв ќе се исполни, сепак на ден 3.10.2022 година, обвинетиот Матевски врз основа на образложение изготвено од него, заедно со обвинетите Димитар и Благојче склучил анекс на договорот со кој вредноста на договорот се зголемила за 20% односно за 120.000.000 денари“, рече Нечаковска.

Според обвинителката – „лека – полека“, со прекршување на една по друга одредба од Законот за јавни набавки, обвинетите стигнаа до тоа со сите свои незаконити дејствија да му предизвикаат штета на РЕК „Битола“ во износ од 178 милиони денари.

„Не е спорно дека ‘Рудкоп’ ја извршил бараната услуга и дека обезбедил услуги спрема РЕК ‘Битола’ кои требало да се платат. Проблемот е што заради криминалните дејствија на обвинетите, износот кој му се плати на ‘Рудкоп’ е најмалку за 3,5 милиони евра повисок од износот кој ќе им беше платен за истата работа ако не беше сторено кривично дело кое им се става на обвинетите“, рече обвинителката и додаде:

Пресуда за овој судски спор чекаат Пеце Матевски, екс-директор на РЕК „Битола“, Димитар Петковски, Благојче Ѓорѓиевски, Тони Ангелевски, Снежана Макаријоска, Анита Кузевска и Љупчо Стефановски, вработени во РЕК „Битола“, членови на Стручната комисија и Комисијата за јавни набавки во комбинатот. Во судскиот спор се опфатени и Александра Маџевска Сараќинчева, Аземина Учкан и Добрила Јордановска, сите три од Бирото за јавни набавки во Скопје.

Судијата Горан Димовски објавувањето на пресудата го најави за четврток, 12 ноември.