Заврши собраниската расправа за задолжувањето кај ММФ, гласањето дополнително

Пратениците денеска ја продолжија 92. пленарна седница и ја завршија расправата по Предлог-законот за задолжување на Република Северна Македонија кај Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) со кредитна линија за претпазливост и ликвидност, по скратена постапка.
Пред редовната пазуа до 15:30 часот пратениците дебатираа за Предлог законот за задолжување на земјава со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за градење на ефективни, транспарентни и отчетни институции за управување со јавните финансии, по скратена постапка. Гласањето за законите ќе се реализира по завршувањето на расправата за двата закони.
Со кредитната линија за претпазливост и ликвидност од ММФ за поддршка на државниот Буџет треба да се обезбедат 530 милиони евра. Целта на кредитната линија е да обезбеди ефективна заштита од криза за оние земји членки на ММФ кои имаат здрави економски основи, односно политики.
Бојан Стојановски од ВМРО ДПМНЕ истакна дека тие ќе гласаат воздржано за овој задолжување. Стојановски кажа дека со ова задолжување повторно се зголемува долгот на земјата. Вакви кредити од ММФ земаат само Мароко, Панама и Македонија, рече Стојановски, кој ја обвини власта дека ништо не направила за граѓаните додека се на власт. Пратеникот повика на одржување парламентарни избор како излез од ситуацијата.
Пратеникот Панчо Минов му реполицираше на Стојановски посочувајќи дека сумата од 530 милиони евра е вкупна рамка на можни повлекувања на средства, додека првичните рамка е 84 милиони, додека 181 наредниот пат по првиот преглед за реализација на средствата од страна на ММФ. Другите пари се резерва, рече Минов.
Во расправата за Предлог законот за задолжување на земјава со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за градење на ефективни, транспарентни и отчетни институции за управување со јавните финансии, по скратена постапка се вклучија, главно, пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои ја критикуваа работата на Владата.
За Проектот за градење ефективни, транспарентни и отчетни институции за управување со јавните финансии, пак, се планирани 24,9 милиони евра, од кои заем од Светска банка во износ од 20 милиони евра и 4,9 милиони евра грант од ЕУ кој ќе се администрира преку СБ. Проектот ќе се имплементира преку Единица за управување со проектот, која ќе биде формирана во Министерството за финансии.
Седницата продолжува во 15:30 часот.
По завршување на 92. седница, Собранието ќе ја продолжи 88. пленарна седница.