Заврши снимањето на грчко-германско-македонскиот филм „Зад стоговите сено” во Дојран


Во Дојран денеска заврши снимањето на филмот „Зад стоговите сено” во грчко -германско -македонска копродукција. Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на С. Македонија, ЗДФ Арте од Германија и Грчкиот филмски центар, Грчката Национална телевизија ЕРТ. Препознаен е и од Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на кинематографски и аудиовизуелни дела – Еуримаж.

Според директорот на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски, кој денеска присуствуваше на снимањето на филмот во Дојран, оваа значајна соработка стана реалност, благодарение на Преспанскиот договор.
 
Како што рече, истата претставува размена на искуства меѓу две филмски екипи, на две територии, отсликувајќи ги двата народа преку создавањето на најголемото достигнување – филмско дело.
 
 
-Се надевам дека оваа соработка помеѓу соседите ќе се продлабочи и развива и во иднина вклучувајќи ги сите останати сегменти од културното творење, изјави Лазаревски.
 
Снимањето на филмот се одвиваше на територија во Грција, од 13 до 21 јануари, а веднаш потоа продолжи на локации во нашата држава, во Гевгелија и Дојран.
 
На снимањето денеска во Дојран, присуствуваше и грчкиот конзул Ахилес Ракинас.
 
-Чувствувам благодарност што сум тука, на покана на продуцентите од Сектор Филм, еден ваков проект е од големо значење за двете земји, додаде Ракинас.
 
Тој посочи оти е љубител на филмот, ја следи продукцијата и како што рече, се чувствуваат успесите.
 
-Затоа верувам дека и овој филм ќе остави белег. Се надевам на идни соработки во секоја област не само во филмот, рече Ракинас.
 
Главен продуцент на филмот е продуцентската куќа Argonauts Production од Грција, а копродуценти покрај Сектор Филм, продуцентска куќа од Скопје, се и Fiction Park – Entertainment Halbershmidt Tsika GbR од Германија.
 
Дејствието на филмот се одвива во 2015 година и е филм за едно семејство во Грција кое живее на погранична територија со С. Македонија. Приказната е фрагментирана и е претставена од гледна точка на таткото, мајката и ќерката. Социјалниот аспект во овие простори ги тера луѓето да прават и носат одлуки кои се спротивни на моралот на ликовите во филмот.
 
-Поради настанатата ситуација со Ковид -19 и воведувањето на карантин, се промени стратегијата за снимањето на овој филм, но сепак успеавме да го комплетираме целокупното снимање, изјавија од продукцијата.