Заврши расправата за Предлог-завршната сметка на Буџетот за 2020


Фото: Б. Грданоски

Пратениците денеска во рамки на продолжението на 50-та седница расправаа за Предлог – завршната сметка на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година, во второ читање. Расправата траеше два дена, а ќе се гласа дополнително.

На почетокот на седницата, претседателот на Собранието Талат Џафери соопшти дека дел од пратениците се отсутни поради тоа што се на тридневни обуки, усогласени однапред и поради тоа ќе има само расправа, но не и можност за гласање за точките од дневниот ред.

Дајанчо Ефтимов од ВМРО-ДПМНЕ рече дека завршната сметка се разгледува по две години. Овој предлог на завршна сметка е сликата која, како што рече, ние ја зборуваме и при носењето на буџетите за 2021 и 2022 година и на ребалансите и ја отсликува сликата која и тогаш ја потенциравме, но парламентарното мнозинство немаше слух за нашите барања и амандмани за подобрување на условите за живот на сите граѓани во земјава.

– За 2020 година, буџетот и реализацијата со оваа завршна сметка се гледа дека е година на пропаст, а не е година за која се најавуваше дека ќе има економски раст, просперитет и развојни програми, рече Ефтимов.

Претседателот на Собранието Џафери рече дека Собранието не доцни со ништо и оти во рамки на процедурите и надлежностите завршната сметка за 2020 била поставена на дневен ред. Во однос на вонредната состојба, посочи дека Собранието на 16 февруари 2020 година донесе одлука за самораспуштање и дека пратениците го вратија мандатот кај граѓаните. Потсети на уставните надлежности, на надлежностите на Уставниот суд, на Владата, на Собранието, на претседателот на државата… Во тој контекст, како што рече, состојбата стои ад кох, уредбите се во сила, одлуките се на дневен ред. – Кога ќе расчистиме по однос на она што ќе биде во интерес на државата и граѓаните тогаш кажете кога сакате, јас ќе ја продолжам таа седница, па ќе видиме кој ќе биде резултатот, тоа е двотретинско мнозинство, рече Џафери.

Според Џафери, ова е задоцнета дебата, но процедурално треба да ја завршат, да се затвори формално-правно процедурата за да може да одат на наредните точки. Додаде дека сега треба да расправаат за завршната сметка за 2021 година. Не доцниме поради Собранието, туку, како што рече, доцниме поради односот кон Собранието.

Ненад Коциќ од СДСМ во реплика рече дека не се согласува со изнесените ставови на пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и потсети на реализираните проекти како зголемување на минималната плата, зголемување на пензиите, на 26 мерки за помош на граѓаните и компаниите кои вчера ги понуди премиерот Ковачевски… Ја обвини опозицијата дека не повикала на масовна вакцинација против Ковид-19 и почитување на мерките за заштита од овој вирус.

Пратениците дополнително ќе гласаат и за Предлог-законот за дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај, по скратена постапка. Џафери објави пауза, а седницата ќе продолжи во 16 часот, кога пратениците  треба да го разгледаат Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини, во прво читање.

На дневен ред на седницата се измените и дополнувањата на законите за Државен пазарен инспекторат, за јавни претпријатија, за земјоделство и рурален развој.

Пратениците ќе расправаат и за годишниот извештај за работењето на Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување во 2020 година, финансиските извештаи на Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување во 2020 година, извештајот за реализација на годишната програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2020 година, годишниот извештај за работењето на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2020 година, финансиските извештаи на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2020 година и годишниот извештај за состојбата и движењата на осигурителниот пазар во Македонија во 2020 година.